Како Јавното обвинителство како беспредметна може да ја оценува Иницијативата на ДКСК за случајот „Труст“ кога се уште не ја ни добило, прашаа денеска членовите на Антикорупциската комисија. Тие реагираат на квалификациите коишто им ги упати државното Јавно обвинителство откако најавија дека до него ќе поднесат иницијатива за кривично гонење.
-Се поставува прашањето како ЈО ја оцени Иницијативата дека е беспредметна и неоснована и дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба, кога Иницијативата се уште не е доставена, а ЈО сеуште нема сознанија кои доказни материјали сме ги обезбедиле при анализата на овој предмет, прашува во својата реакција ДКСК.
Јавното обвинителство во својата реакција до ДКСК нагласи дека ЈО ГОКК веќе има оформен предмет во кој се опфатени неколку кривични пријави и во чии рамки се испитува постапувањето на сите институции при конфискацијата на имотот на „Трансмет“ и нагласи дека ДКСК се однесуваат неодговорно и надвор од своите надлежности. ЈО реагира дека ДКСК расправале „врз основа на нецелосно проверени факти, кои не соодветствуваат на доказите обезбедени во предметот“.
-Податоците кои беа изнесени на седницата, а која е задолжително јавна, согласно член 22 став 3 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, во најголем дел се веќе познати на јавноста, а ДКСК изврши анализа и хронолошко поврзување на истите. ДКСК и во овој случај постапи согласно надлежноста утврдена во член 17 став 1 точка 5, и одлучи да покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење по предметите по кои постапува, наведуваат антикорупционерите.
Антикорупционерите сметаат дека во духот на заедничка и организирана борба против корупцијата и организираниот криминал целисходно е ЈО претходно да ги види сите факти и аргументи со кои располагаат, бидејќи , според нив целта на ДКСК е да придонесе при расветлувањето на овој случај, а не да ја компромитира постапката што се води во ЈО.
-ДКСК и понатаму ќе продолжи да постапува согласно своите законски надлежности и да соработува со сите надлежни институции за борба против корупцијата и организираниот криминал, во интерес на владеењето на правото, нагласуваат во својата реакција антикорупционерите.
Антикорупциска укажа дека од 2018 година паралелно се водела и стечајна постапка пред граѓански суд и кривична постапка во Основниот кривичен суд против Кочан и Трансмет, а при проценувањето имотот на „Трансмет“ е намерно обезвреден за да биде пренесен на Пуцко петрол, со што е сторено кривично дело намерно оштетување на буџетот и на доверителите, со неосновано работење и злоупотреби. Направена е штета врз буџетот на државата е околу 4 милиони евра.