Советот на Град Скопје денеска со 26 гласа „за“, односно со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ја изгласа иницијативата за Владата да ја преземе Универзална сала. Се работи за Иницијативата за времено отстапување на корисничкото право на објектот на Универзална сала на Министерство за култура, кое по реконструкцијата повторно треба да ја врати во надлежност на Градот. По прифаќањето на Иницијативата, по вторпат поднесена од СДСМ и група советници, Советот ја задолжи градоначалничката Данела Арсовска и нејзините служби во рок од седум дена да изготват и предлог одлука за префрлање на ингеренциите околу реконструкцијата на салата.
Оваа Иницијатива пред четири месеци првпат се најде на дневен ред на седница на Советот на Град Скопје, но тогаш не беше изгласана, затоа што мнозинството во Советот сметаше дека Градот сам треба да ја продолжи реконструкцијата. За советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не беше опција привременото предавање на Универзална сала и сметаа дека Град Скопје треба да ја доврши реконструкцијата со помош на Министерството за култура.