Османи: Жално и некоректно е тоа што некои бугарски политичари изјавуваат дека со овие инциденти Македонија се оддалечува од Европа

Најважно е да не се ставаат односите меѓу навивачите во корелација со односите меѓу државите или било кои етнички групи или народи, бидејќи тоа е посебен свет кај навивачите и доколку дозволиме така лесно да се направи корелација и прелевање, само ќе направиме штета на односите. Сите оние кои ќе се обидат ова што се случи помеѓу навивачите да го стават во контекст на односите меѓу државите, немаат добри намери кон тие односи. Ова е пораката од министерот за надворешни работи Бујар Османи од денешната прес-конференција на која одговараше на новинарски прашање во врска со случувањата поврзани со натпреварот на фудбалските клубови Шкупи – Левски во Скопје.

На прашање од бугарските новинари да ги коментира изјавите од некои бугарски политичари дека со овие инциденти Северна Македонија се оддалечува од Европа, Османи дециден дека „тоа е жално и некоректно“. Повтори дека сите што ќе се обидат да извлечат политички анализи од тензии помеѓу навивачи, тоа го прават злонамерно и не мислат добро на односите меѓу двете држави.

– Ставот на МНР на Република Бугарија беше коректен и тоа јас го ценам како однос на бугарската држава. Политичките партии коишто се обидуваат да добијат политички поени на основа на тензии меѓу навивачите, не и мислат добро ниту на Бугарија, ниту на Северна Македонија, ниту на односите помеѓу двете држави, уште помалку на основа на тензии меѓу навивачи да ја процениме европската подготвеност на Северна Македонија, рече Османи.

Потсети дека МНР веќе ги осуди и побара од надлежните органи да ги преземат сите мерки за да се идентификуваат сторителите и да се изведат пред лицето на правдата.

Османи информираше дека повредениот е во добра здравствена состојба и е во комуникација со Амбасадата на Р. Бугарија и нашите здравствени власти се однесуваат најпрофесионално за да излезат во пресрет на потребата за згрижување. Прашан за тоа што вчера имаше песна на бугарска телевизија со тешка содржина во смисла на говор на омраза и навреди кон нас, министерот Османи информира дека веднаш штом кога го добил видеото преку воспоставниот канал за комуникација за пријавување говор на омраза, пријавиле во МНР во Бугарија.

– Секогаш ќе има злонамерници и од двете страни, најважно е ние како институции да не дозволиме нарушување на односите и да не дозволиме тие да ни ја диктираат агендата, изјави шефот на македонската дипломатија.

Претходна вестСкопје ќе биде домаќин на Европски олимписки младински фестивал во 2025 година
Следна вестПриведен малолетник, кај него пронајдена прашкаста материја