Одбележани 100 години од раѓањето на народниот херој Чеде Филиповски – Даме: Во секој напад беше меѓу првите, секогаш присутен таму каде што е најтешко

Со пригоден собир во селото Никифорово, мавровско, денеска беше одбележана 100 годишнината од раѓањето на Чеде Филиповски Даме, народен херој од НОВ. Претседателот Стево Пендаровски, кој присуствуваше на одбележувањето, во неговото обраќање ги истакна придонесот и пожртвуваноста на Чеде Филиповски во отпорот и борбата за ослободување од фашистичката окупација за време на Втората светска војна.

-Името на Чеде Филиповски го среќаваме и меѓу делегатите на државотворниот АСНОМ, а подоцна и АВНОЈ, но, малкумина знаат дека не бил физички присутен во манастирот Св. Прохор Пчински, бидејќи тие денови се борел за ослободувањето на делови од западна Македонија – Дебар, Охрид, Струга, Кичево и Тетово. А, веднаш по војната, заедно со Ацо Шопов, претседавал со Народноослободителниот младински сојуз на Македонија. Не е претерување ако кажеме дека преку животот на Чеде Филиповски можеме да реконструираме голем дел од НОБ. Го среќаваме насекаде и колку и да се трудиме, нема да го најдеме во задните редови како дава инструкции од безбедна дистанца. Неговите соборци сведочат дека тој во секој напад бил меѓу првите, а при повлекувањето меѓу последните. Секогаш присутен таму каде што е најтешко поради што ја стекнал довербата на неговите соборци кои безрезервно му верувале, рече Пендаровски.

На свеченоста говореше и братот на Чеде Филиповски, Ацо Филиповски, кој потсети на животот и активностите кои ги спроведувал како член на комунистичката партија и во партизанското движење. Тој истакна дека причината и околностите за неговата смрт не се до крај разјаснети.

На соборот беше прикажан и документарен филм во кој низ сведоштвата на истакнати личности беше потенциран значајот на Чеде Филиповски во Втората светска војна.

На бистата и спомен чешмата во родното село на народниот херој, делегации положија цвеќе, а беше изведена и пригодна културно уметничка програма.

Чеде Филиповски Даме пред почетокот на војната работел како ѕидарски работник во Белград. Набрзо се вратил во Македонија и бил еден од организаторите на НОВ во Мавровскиот крај. Извршувал значајни функции во партизанското движење и бил член на АСНОМ. Загинал на 26 јуни 1945 година во сообраќајна несреќа во Радовишко кога имал само 22 години. Иако постојат сомнежи, погибијата и ден денес се води како несреќен случај. Постхумно е прогласен за народен херој на Југославија, а неговото име го носат повеќе улици и установи во земјава.

Претходна вестОткако сексуално вознемирувал колешки македонски амбасадор Цеков отповикан од Токио
Следна вестКрадец од Скопје се заканувал дека ќе се самоповреди со штрафцигер, па нападнал полицаец