Се доближува датумот на кој власта во собранието ќе се обиде да го спроведе својот ултиматум – да се промени Уставот. На два дена пред закажаната собраниска седница се огласи министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој на Фејсбук како и многу пати порано укажува дека не требало да се „испушти моментот“.
-Не делат само два дена од почетокот на еден од најважните процеси за обезбедување сигурна и просперитетна европска иднина за нашите граѓани, собраниската седница за уставни измени. Затоа, ве повикувам да не дозволиме да се дефокусираме сега, кога сме во финале, и да се дезориентираме, туку да го задржиме курсот и родителската одговорност пред идните генерации. Моментот е сега!, напиша Османи.
Тој воедно потенцира „со месеци доаѓаа пријатели и министри од целиот свет и не охрабруваа со пријателски совет да се фокусираме на овие предизвици и да ја надминеме оваа последна формална пречка пред отворањето на големиот хоризонт на поглавјата од преговорите“.
Инаку, за усвојување на потребата од донесување на уставните измени потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, односно да ги гласаат најмалку 80 пратеници. Владејачкото мнозинство засега ги нема овие гласови, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму останува на ставот дека нема да поддржи „уставни измени под бугарски диктат“.