Антикорупционерите ќе проверуваат како фирмата донатор на ДУИ добила тендер од Османи од скоро 2 милиони евра

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе отвори предмет поврзан со компанијата „Еуровиа“, која го доби тендерот на Министерството за надворешни работи (МНР), во вредност од 1,8 милиони евра.

– На денешниот колегиум ДКСК утврди дека во конкретниот случај постојат елементи за наделжно постапување на комисијата и од аспект на материјалноста бидејќи се работи за високи износи но и за ризици за политичка повзаност, изјави вчера претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Отворањето предмет од страна на ДКСК следува по објавените информации во јавноста дека „Еуровиа“ добила тендер од 1,5 милиони евра без ДДВ за да ја преадаптира салата „Борис Трајковски“ за министерскиот состанок на ОБСЕ во ноември и во декември. Но, и лани имала тековни зделки со државата и општините, а според јавно објавените податоци истата година фирмата донирала и 1,8 милиони денари на политичката парија ДУИ, а еден од сопственици на Елмедин Адеми донирал 2,5 милиони денари.

Согласно Законот за финансирање политички партии, партии не можат да се финансираат од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпијатија и фондови по пат на договор“.

Од „Еуровиа“ негираат дека има прекршување на законот. Во соопштението не пишува која „Еуровиа“ со кој даночен број донирала со оглед на тоа што има неколку фирми кои го содржат името „Еуровиа“, а се поврзани со истоимената групација. Сопственици се Елмедин Адеми и Елдин Адеми, кој од минатиот месец, е шеф на огранокот на ДУИ во Јегуновце.

Претходна вестСончево со умерена облачност
Следна вестПротест против неспроведување на законот од страна на извршителите