Кога ќе се гласа за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот?

Вчера истекоа десетте работни денови откако беше отворена постапката и завршена расправата за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на собраниската седница, закажана и одржана на 18 август. Но, епилог нема, гласањето на пратениците по Предлогот не се случи. Причина е позната: на власта не и успеа да обезбеди двотретинско мнозинство од 80 пратеници за да се подржи овој Предлог поради категоричното противење на опозицијата. Така, се случи она што претходно и го најави собранискиот претседател Талат Џафери – гласањето се одложи, а прашање е дали тоа и воопшто ќе се случи доколку власта не успее да обезбеди двотретинска пратеничка поддршка.

Но, ваквото одложување на чинот на гласањето отвори правни дилеми врзани за собранискиот Деловник. Џафери неодамна соопшти дека тој има право да решава кога прекинатата седница ќе биде продолжена и дека тоа ќе го направи „кога ќе се создадат потребните услови“, а што значи дека тоа може да трае во неограничен временски период. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која очигледно нема намера да попушти во неприфаќањето на уставните промени, вакво нешто е неприфатливо и кршење на собраниските процедури. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера решија да достават барање до Талат Џафери за продолжување на седницата за уставни измени односно да се спроведе гласањето.

-Бараме да не се одолговлекува процедурата и да се злоупотребува позицијата за да се одолговлекува седницата за уставни измени. Ќе се почитува волјата на граѓаните и нивниот интерес да не се потклекне на барањата на правење на компромиси на штета на државните интереси, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

До ова дојде и откако поранешниот претседател на Собранието Трајко Велјаноски со писмо укажува дека Џафери треба да ја продолжи седницата за уставните измени на која веднаш треба да се стави на гласањето потребата за измените во Уставот. Доколку тоа не се случи, вели тој, тогаш, според Велјаноски, Џафери го крши Деловникот.

-Предлагачот на иницијативата кон измена на Уставот, во овој случај Владата, воопшто не требаше да си дозволи да покрене ваква постапка без претходно обезбедено 2/3 мнозинство пратеници. Денес, на 1 септември завршуваат десетте работни денови откако беше отворена постапката и завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница, закажана и одржана на 18 август. Гласањето мора да се случи најдоцна денес. Секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот, објави вчера Вељаноски.

Од друга страна, од власта изјавуваат дека нема рок за гласањето. Премиерот Ковачевски вчера изјави дека седницата ќе продолжи кога ќе се создадат услови.

-Пленарната седница на Собранието во однос на усвојувањето на амандманите, таа започна и нормално дека ќе продолжи тогаш кога ќе се создадат соодветни услови во однос на бројот на пратениците кои што би поддржале таков, рече Ковачевски.

И вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ тврди дека нема дилеми околу гласањето.

-Деловникот е јасен. Постојан денови за дискусија, после кој се исцрпува дискусијата. Тоа не значи дека тој ден треба да се гласа. Како за законите многу често, па дури и за оние со европско знаме кои што исто така имаат зададени рокови, како на крајот од дискусијата се прекинува дискусијата а гласањето се случува кога ќе се собере мнозинство и кога ќе се закаже продолжение на седницата и гласање, изјави Маричиќ.

Очигледно, создаден е правниот јазол кој тешко дека ќе се расчисти со оглед на ставовите на власта и на опозицијата околу толкувањето на деловничките одредби. Но, тоа го отвора прашањето дали воопшто и кога ќе се случи гласањето за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот?

А деловничките одредби барем во едно се јасни: Доколку се гласа и нема двотретинско мнозинство, постапката завршува и Уставот не се менува…

Претходна вестБарањата за работна виза во Германија ќе се примаат преку фирма, а не во германската амбасада во Скопје
Следна вестМВР уапси две лица поради кражбата на комјутерите наменети за хуманитарни цели