Познат е идентитетот на лицето кое извршило дивјаштвото со уништување на урбаната опрема во дворот на основното училиште „Ацо Шопов“, соопшти денеска градоначалник на скопската општина Бутел Дарко Костовски.
Тој на неговиот профил на Фејсбук ја објави снимката од која се гледа како едно лице фрла сад за собирање на отпадоци со цел да го скрши.
-Најостро го осудувам вандалскиот чин со кој се уништува урбана опрема, особено во ова време кога се гради како никогаш досега. Жалосно е што се почесто сме сведоци на дивјаштвото врз реквизитите и урбаната опрема која претходно е поставена на местата каде децата и граѓаните најчесто одмараат. Последниот случај е во дворот на ООУ “Ацо Шопов” каде што целосно е уништена урбаната опрема, а оштетен е и летниковецот, наведе градоначалникот.
Костовски додаде дека на овој потег во изминатиот период се вложени над 4.000.000 денари во ново игралиште, нова урбана опрема и ново зеленило.
-Јавно ќе побарам од директорот на основното општинско училиште и до МВР да постапи и најригорозно да го санкционира ваквиот вандалски чин! Лицето е добро познато и на службите од училиштето и на службите на МВР. Дополнително по соодветната постапка да се бара надомест на штетата! Апелирам до граѓаните да се однесуваме одговорно и да го чуваат она што го градиме и што го вложуваме за подобри услови за сите нас, се наведува во објавата на градоначалникот Костовски.