Mакедонските одбојкари ја прегазија и Црна Гора, речиси обезбедено историско осминафинале

Со феноменална игра македонските одбојкари вечерва убедливо ја победија репрезентацијата на Црна Гора со 3:0 и со што само чудо ќе го попречи нивниот пласман во осумфиналето на Европското првенство во одбојка. Во секој сет (25-22, 25-18, 25-20) македонските репрезентативци го дадоа максимумот при што победата во ниту еден момент не беше неизвесна. По победата против Данска, новата победа треба да биде доволна за пласман во осминафиналето но за тоа треба да се почека на следните натпревари.

Избраниците на Јошко Миленковски вечерва играа одлчно при што направија минимален број на грешки, но забележија голем број на блокови и поени во нападот.

Одбојкарите на Црна Гора подобро го започнаа мечот, поведоа со 2:5, но Македонија дојде до 5:5 и потоа се играше поен за поен се до 10:10. Но, при резултатот 17:16 македонските одбојкари го зададоа конечниот удар во првиот сет кога направија серија од 4:0 и поведоа до 21:16 по што беше јасно кој ќе поведе со 1-0 во сетови.

Слична ситуација беше и во вториот сет кој се реши при крајот кога Македонија водеше со 18:15, а потоа освои уште два нови поени и со што сетот беше решен

Триумфот во вториот сет ја најави конечната победа бидејќи Црногорците индиспонирано го започнаа третиот сет. Блокот функционираше одлично, а во нападот реализацијата беше беспрекорна и одбојкарите поведоа со 11:6, а потоа стасаа и со водството од 20:16 за да на крајот победата биде убедлива – 25:20.

Брилијантен меч имаше Филип Савовски кој имаше дури девет блока, мечот го заврши со 12 поени. Најефикасен беше Никола Ѓорѓиев со 20 поени, Љафтов имаше 13.

Следниот натпревар на Македонија е веќе утре, против најсилната репрезентација во нашата група, Полска. Мечот се игра од 20 часот.

Капитенот Никола Ѓоргиев по натпреварот рече дека целта е остварена, но тие ќе одат на повеќе, на уште победи на ова Европско првенство.

-Ова е голема победа, ова е историска победа. Но, сега само се загреавме, за мене сега почнува Европското првенство. Ова што го направивме е историски успех, но го заслуживме тоа. Се подготвивме добро, трениравме долго, секој ден стануваме рано, анализираме, вежбаме по одредените програми и заслиживме да се радуваме. Покажавме дека Македонците никогаш не се откажуваат, горд сум на сите во оваа сала. Сонот го остваривме, но можеме и повеќе . На утрешниот меч против Полска нема што да загубиме. Но на дуелите против Чешка и Холандија ќе се обидеме да победиме и зошто да не го направиме тоа, вели Ѓоргиев.

Претходна вестПротестна блокада на оризопроизводителите во Облешево
Следна вестТешка сообраќајка во Козле: По сударот се запалиле автомобил и мотор