Изработката на учебници е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание, соопшти денеска Министерството за образование. Тоа реагира на вчерашната информација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за „Состојбата со обезбедување на учебници во основното образование за учебната 2023/24“.
Антидискриминаторите соопштија состојбата е загрижувачка бидејќи од 126 учебници на основците им недостасуваат дури 43, учениците од трето и шесто одделние немаат ниту еден по задолжителните предмети, недостигаат 34 проценти од учебниците, само учениците од прво и второ одделение ги добиле сите учебници…
Според МОН согласно законските и подзаконските акти, навремено се започнати и извршувани активностите од наша надлежност за изработка на учебниците, усогласени со важечката наставна програма.
-Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници, се наведува во соопштение.
Се потсетува дека во тек е темелна реформа на образованието која наметнува одредени неусогласености да се надминуваат во од.
-За да можеме да ја финализираме реформата, издигнувајќи го квалитетот на образованието, очекуваме од сите засегнати чинители да дадат поддршка, затоа што нашата цел, а веруваме и на сите останати – родителите, институциите, граѓаните, е учениците да стекнуваат знаења и вештини кои ќе ги направат рамноправни со нивните врсници од развиените земји, нагласуваат од МОН.