Поранешниот премиер Никола Груевски демантира дека за измените во Кривичниот законик стојат какви и да е непринципиелни договарања кои се поврзани со него.
-Партиите, директно или преку нивните интернет ботови и нивните приврзоци во медиумите во Македонија во отсуство на конкретни дела, визија, понуда, проекти и решенија за проблемите на народот во Македонија редовно се препукуваат, и на секој два-три месеци им паѓа на памет спиновите да ги насочат кон мене во правец на некакви мои непринципиелни договарања со некого или нешто, заговори и слично, па веќе неколку години периодично се јавува потреба да ги демантирам, исто како што тоа го правам и сега во оваа прилика во која повторно го демантирам истото, објави на својот профил на Фејсбук Груевски.
Тој додава дека вакви измени во Законот се говорат во јавноста одамна, околу четири-пет години и од она што можел да забележи од медиумите имало многу заинтересирани страни од различни политички провиниенции за истите да се изгласаат.
-Во мојот случај на прогон истите имаат минорно учество. Јас и повеќе мои соработници сме под прогон за несторени работи, на тој прогон заднината е страв од конкуренција и желба за политичка елиминација и тоа се нарекува политички прогон. Тој прогон трае и до ден-денес и се уште трае и расте стравот на многумина од неговото запирање или неуспех. И имаат причина за страв!, се додава во реакцијата на бегалецот Груевски.
Со намалувањето на казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои се обвинети или осудени ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот ТНТ каде од политичка одмазда се урива комплекс Космос, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како Траекторија, велат пресметките на поранешни обвинители од СЈО.