Заедништвото со кое е постигната независна иднина на Македонија во 91-та година, го има и денес во определба на граѓаните за европска иднина на нашата држава. Имаме единствена можност за брзо зачленување во ЕУ, да се обединиме околу заедничката цел, порача синоќа премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија, што се одржа во салата на Филхармонија по повод Денот на независноста – 8 Септември.
Тој рече дека гласникот на слободата, 8 Септември – Денот на независноста на државата, повикува на нов, заеднички, сигурен чекор напред.
-Денес во Европа и светот постојат македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава, успешна мултиетничка демократија, Европа во мало. И ова е и мора да биде нашиот мотор! Како во 1903, 1944, 1991 – и денес, 2023 година, гласот на генерациите зад нас и генерациите пред нас бара континуитет во напредокот, рече Ковачевски.
Тој повторно предупреди дека ако не го направиме исчекорот во евроинтеграциите заедно со нашите соседи од Западен Балкан на нашата држава и се заканува повторна изолација.
-Политичките раководства, Собранието и народот во нашата држава, секогаш го правеле потребното. И поради сето ова, така мора да биде и ќе биде и денес, рече Ковачевски.
Премиерот, во обраќањето, посочи и на периодот кога се соочивме, како што рече, со повеќе кризи: ембарго, транзиција, воен конликт во 2001 година, режим, меѓународна изолација.
– Ако нешто научивме во овие 32 години, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската Унија, како и со внатрешната етничка кохезија. Научивме дека мора да создаваме сојузници, наместо непријатели. И дека мора да дејствуваме заедно и обединети, рече Ковачевски.
Ковачевски укажа и на пораките од нашите стратешки партнери, дека на Западен Балкан се гледа и како на економски потенцијал за трансатлантската заедница и ги истакна придобивките за граѓаните и бизнисот со зачленувањето во ЕУ.
На академијата, насловена „32 години независност“, присуствуваа членови на Владата, претставници на институции, на академската заедница, стопанственици, дипломатскиот кор. Академијата почна со интонирање на државната химна и проекција на документарен материјал за државата и историски осврт за нејзиниот развој. Потоа се обратија Александар Литовски, член на Институтот за национална историја и Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет на УКИМ.