Се редат граѓански протести низ Македонија, каков е одговорот на Владата? 

Протести ја потресуваат Македонија. На улиците, пред институциите, со блокади и транспаренти граѓани бараат свои права и правда. По вторпат на протест излегоа граѓаните кои бараат одговорност и оставки од инволвираните во скандалот на Клиниката за онкологија, коишто дозволувале препродажба на скапи лекови кои требало да ги даваат на болните, а наместо лек на заболените пациенти им биле давани физиолошки раствори.

„Го уапсивте ли кабелот?“, „Нашиот молк им дава храброст“, „Крвави се парите!“… порачуваа граѓаните на испишаните транспаренти додека со црвена боја на булеварот пред Владата го пишуваа зборот „одговорност“, а на тротоарот оставаа торба со „крвави пари“…

Упорни во протестите се и пензионерите ширум земјава. Светиниколските пензионери неодамна го блокираа патот кон Куманово и кон Штип, а пото и нејфреквентната улица во Свети Николе. Повторно побараа од Владата линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари и минималните пензии да изнесуваат 18.000 денари, бидејќи како што велат, со ниските пензии едвај сврзуваат крај со крај.

-Пензиите не ни обезбедуваат достоен живот, а срамно е на овие години нашите права да ги бараме на улица, истакна Трајче Станојков, член на организациониот одбор кој најавува дека блокадите продолжуваат и наредните денови, сè до 20-ти септември, за кога е најавен генерален штрајк во главниот град.

На повторен протест излезе и судската администрација од Основниот кривичен суд и Основниот граѓански суд во Скопје откако им било кажано дека не е предвидено поголемо покачување за нив од 10 проценти. Претставници на синдикатите за судска администрација во изјава за медиумите за време на протестите пред Министерство за финансии истакнаа дека сега бараат покачување од 78 проценти на минималната плата и 35 проценти за додатоци на судските службеници. Тие исто така информираа дека од утре ќе се приклучат и службениците од другите судови, а до протестот дошло откако за нивните барања немало слух од страна на надлежните.

Протести споменуваат и медицинските лица, земјоделците… Очигледно, има незадоволството кај граѓаните.

Дали Владата го гледа ова и што конкретно ќе презема? Ќе игнорира и ќе тера по старо или ќе ги решава проблемите?

Претходна вестИ Чикаго го прогласи септември за месец на македонското наследство и култура
Следна вестЗаев за грчка телевизија: Очекуваме грчката страна да ги смени сообраќајните знаци кои „водат“ во непостоечка земја со кратенката „ФИРОМ“