Од ЕУ стигна ферман до македонската влада. Евробирократите се загрижени бидејќи итните измени со употреба на „европското знаменце“ во македонскиот Кривичен законик се однесувале на голем број случаи. Ова е прва реакција искажана од Европската комисија.
По целосна анализа на најновиот проект на ДУИ и СДСМ сигурно од ЕУ ќе следат и други реакции. Засега се кажа доволно, се предупреди дека со измените практично се врши амнестирање на функционерите обвинети за најразлични злоупотреби на службена должност. Тоа не е европски стандард.
За ова опоменуваше и македонската јавност, ама Владата си тераше по свое. Сега кога опомените стигнуваат од Брисел што ќе каже?
Проценка е дека од утре, кога законските измени и официјално ќе стапат во сила, во најмалку 14 големи судски процеси во коишто на обвинителна клупа седат околу 80-тина поранешни и актуелни функционери, ќе настапи застарување на кривичните дела. Тоа не може поинаку да се доживее отколку како нивна амнестија во периодот кога борбата против корупција и злоупотреби на службената должност на Македонија и стана еден од најважните услови за евроинтеграцијата.
Од Брисел и Вашингтон со месеци порачуваа дека е важна борбата против корупцијата, од каде ни праќаа експерти, составуваат „црни листи“…
Сега Владата на Ковачевски ќе се преправа ли дека таквите пораки од Брисел воопшто не ги слушнала или и нив ќе ги убедува дека со ваквите измени справувањето со корупцијата ќе биде многу поефикасно? Или само ќе каже – да го смениме уставот и се ќе биде во ред, ќе влеземе во ЕУ?
Од друга страна, што по ова поконкретно ќе каже Брисел? Дека владата ја оддалечува Македонија од ЕУ или само пак ќе повтори – сменете го Уставот и ете сте од „џунглата право во рајската градина“?