Нов успех на Дамјан Давков – освои и златен медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика

Дамјан Давков од Штип, ученик од Математичко-информатичката гимназија во Скопје, повторно постигна голем успех откако на Европска јуниорска олимпијада по информатика освои златен медал. Ова е првиот златен медал којшто македонските информатичари го освоиле на овој престижен натпревар. Седма по ред ЕЈОИ 2023 се одржува од 8-ми до 14-ти септември во Кутаиси, Грузија, а на неа се натпреваруваат ученици на возраст до 15,5 години.

Дамјан Давков пред два месеца освои злато на Меѓународна математичка олимпијада, а неодамна и бронза на светската Олимпијада по информатика што беше одржана во Сегедин, Унгарија.

Во Грузија, забележително претставување имаа и останатите тројца членови на македонскиот тим: Владимир Грчев, сега осмоодделенец од Кочани, кој освои олимписка пофалба, како и Никола Стојковски и Андрија Младеновиќ од Скопје, кои беа многу блиску до освојување на олимписка пофалница – од ова значајно остварување ги делеа само 5 поени (од можните 600 поени на натпреварот).

Тимот беше раководен од лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков, професори од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

-На овогодинешната олимпијада учествуваат вкупно 95 ученика од 24 европски земји. Пресреќен сум што во нашата богата колекција од медали од интернационалните натпреварувања од сега ќе го имаме и златниот медал. Огромниот успех се должи на континуираната работа и поддршка на учениците од наша страна, од страна на нивните ментори, нивните родители и се разбира, на нивниот талент и посветеност преку редовна работа да дојдат до посакуваниот успех. Ова е уште една потврда дека младите македонски ученици поседуваат и талент и знаење со кое што може да се рамнат, а некои од нив, како Дамјан, дури и да застанат пред своите врсници од цела Европа. Благодарам на ФИНКИ, и на општествено одговорните компании како Сорсикс, Нетцетера, Семос едукација и останатите кои редовно ги поддржуваат нашите активности, изјави претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов.

Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Претходна вестИм ја сруши дивоградбата сега се закануваат, Стефковски потврди дека добива закани по живот
Следна вестКовачевски за забелешките од Брисел: Сите процеси што се одвиваат кај нас се на некој начин комуницирани со ЕУ