Ковачевски за забелешките од Брисел: Сите процеси што се одвиваат кај нас се на некој начин комуницирани со ЕУ

Сите процеси што се одвиваат кај нас се на некој начин комуницирани со Брисел, изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски. На настанот во скопската општина Карпош тој одговори на новинарско прашање врзано за забелешката на Европската комисија околу донесувањето на измените во Кривичниот законик. Портпаролката на Европската комисија, Ана Писинеро, вчера изрази загриженост околу измените коишто ќе влијаат на голем број случаи на корупција на високо ниво.

Според Ковачевски, ако некој разговара со Европската Унија, па дури и на дневно ниво, тогаш тоа е С Македонија бидејќи, како што додаде, заедно со Албанија во моментов го води скринингот.

-Така што, сите процеси што се одвиваат кај нас се на некој начин комуницирани со ЕУ, рече премиерот.

Тој денеска изјави дека досегашните казни биле од комунистичко време, а измените кои се направени постојат во многу земји од Европската унија.

-Кај нас во државата многу работи одат споро и со право тоа се заблежува. Но, кога нешто ќе оди брзо мислам дека не треба многу да му се забележува. Измените се направени во согласност со законодавства кои важат во ЕУ. Ако го видите германското законодавство, тогаш членот кој кај нас најмногу се коментираше дека го нема е баш таков и во Германија. Ако ја видите висината на казните и ги споредите со Словенија, ќе видите дека се на исто ниво. Тоа што ние претходно имавме закон во кој што казните беа од комунистичко време бидејќи беа направени од еден, јас би нарекол Дарт Вејдер на македонското судство, не значи дека не треба да се сменат, рече Ковачевски на почетокот на градежни работи за затворен базен во Општина Карпош.

На прашањето како го коментира ставот на Европската комисија оти со измените во Кривичниот законик ќе се влијае на голем број случаи на висока корупција, премиерот одговори со прашање:

-А колку време биле водени тие случаи на висока корупција? Колку години? Деценија? И што се случило за таа деценија? Дали некој од нив бил разрешен? Еве, јас ќе ви кажам еден случај. Поранешна директорка која била дел од обвинение во една компанија кога почнал случајот имала 55 години и тогаш ѝ бил одземен пасошот. Сега таа има 65 години, пензионирана е, фирмата не постои, а судскиот случај не е решен и таа е сè уште без пасош. Значи, со темпото со кое се води овој случај таа веројатно ќе го заврши својот живот без пасош, без судска разрешница и нема да може никогаш да излезе надвор од државата. Ете, такви судски случаи има, додаде премиерот.

Претходна вестНов успех на Дамјан Давков – освои и златен медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика
Следна вестПрегазен 93-годишник од Скопје