Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, собранискиот спикер Талат Џафери, министрите Оливер Спасовски, Фатмир Бесими, дел од дипломатскиот кор во земјава…,денеска даруваа крв во рамките на акцијата што се одржа во американската амбасада во Скопје.
Тие се одѕваа на поканата на амбасадорката на САД, Анџела Агелер да учествуваат во ова хуманитарна акција во знак на сеќавање на терористичките напади во Соединетите Држави од 11 септември 2001 година.
Шефот на државата даруваше крв заедно со својот син Огнен.
-Заедно со синот Огнен денеска се приклучивме на акцијата за дарување крв во сеќавање на трагичните настани од 11 септември 2001 година. Благороден настан преку кој се промовира волонтерството и службата во интерес на заедницата, соопшти Пендаровски.
Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст, како коорганизатори на акцијата од која очекуваат 220 единици крв, изјави дека ова е традиција која постојано потсетува и повикува на проактивност, солидарност и разбирање на маката на другиот.
-И оваа година акцијата е организирана за собирање крв, храна и останати намирници кои после завршување на акцијата ќе бидат доделени на семејства кои се во социјален ризик. Оваа акција е еден патоказ како треба да се движиме во смисла на манифестирање на хуманоста и солидарноста и да се потсетиме на жртвите од 2001 година на нешто што на светот му се случи и посакуваме никогаш да не се повтори, рече Саити.
Додаде дека од денешната крводарителска акција планираат да соберат околу 220 единици крв, а пред влезот на Амбасадата трае собирната акција во парични средства и во намирници, прехранбени артикли, а таа помош, како што рече, ќе најде соодветно место кај неколку семејства.