Арсени Јовков се бореше за идеалот Македонецот да решава за сопствената судбина

Поет и публицист, општественик, револуционер, учесник во Илинденското востание, преведувач, филмолог…, сето ова е она што го правел во текот на својот живот и по што се препознавал Арсени Јовков. А во тоа ја имал само една идеја-водилка: љубовта кон Македонија и посветеност неговата татковина еден ден да биде слободна и самостојна држава на македонскиот народ. На таа цел и го посветувал сето она што го правел и што создавал како неговото творештво. Тоа се гледа и од записот кој во 1923 година го објавил во весникот „Илинден“.

-Ние сметаме дека во Македонија не треба да имаат терен веќе партите на балканските држави, бидејќи е Македонија предопределена да биде самостојна, треба да ја стави и основата на единствената за сега своја ослободителна партија. Ако парламентите се врвно место каде што се исповедуваат болките и се жигосуваат неправдите, – кој друг натрапен полномошник би можел да ги штити македонските интереси, да придонесе за менување на неговата судбина, освен самиот Македонец?, пишуваше Јовков.

Во тој период тој е веќе афирмиран и добро познат како литерат кој објавиле две поеми „Проклетина“ и „Љуљебургас“, а во ракопис му се повеќе други песни и поеми, како и роман во стихови „Илинден“. Тој е и редактор во весниците „Илинден“, „Пирин“ и „20 јули“ при што решително се определува на страната на македонската левица. Станува и првиот македонски филмски сценарист, според чие сценарио е снимен документарниот филм „Македонија во слики“ во 1923 г. и е автор на сценарио за игран филм „Илинден“…

Инаку, Арсени Танасков Јовков (псевдоними Пејко Селички, Стар Чинар) е роден на 25 март 1882 година во струшкото село Селци. Тој е син на Атанас (Танасков) Јовков кој долги години се бори против месните бегови, а негов вујко е писателот Војдан Чернодрински. Се образува и завршил гимназија во Битола каде уште некаде околу 1900 година почнува да пишува поезија, речиси истовремено со својот соселанец, Војдан Чернодрински.

Во пресрет на Илинденското востание, во престрелка со Турците, загинал таткото на Арсени. Сеуште средношколец, Арсени се враќа во Дебарско и влегува во Македонската револуционерна организација. Во 1903 година учествува во Илинденското востание како секретар на војводата Атанас Тасе Христов. Се бори во Дебарца и  Кара Осман, а по загинувањето на неговиот брат Нико Јовков, Арсени станува војвода на неговата чета.

Арсени Јовков по востанието емигрирал во Бугарија, каде го основа и раководи Дебарското братсво во Софија. Својата духовна сила тој ја посветува на творењето, на поезијата, но најмногу на новинарството. Како што се неговите творби се исполнети со вонредна лирска топлина, така и живот на Арсени е исполнет со огромна љубов кон Македонија. Тој е верен следбеник на илинденските идеали и како доброволец во Македонско-одринското ополчение учествува во Балканските војни, а потоа во Првата светска војна бил назначен за кмет на Приштина (1917 – 1918).

По 1921 година  Арсени Јовков е еден од раководителите на Илинденската организација, основач и уредник на весникот „Илинден“ (1921 – 1923). Во весникот пишува воведни статии и други материјали против поделбата на Македонија.  По забраната за излегување на весникот “Илинден“, весникот се преименува прво во “Пирин“ (1923 – 1924), а потоа во “20 јули“ (1924). Арсени работи како редатор во новоименуваните весници на Илинденската организација.

Тој во текот на својот живот се јавува како литературен критичар, преведувач и филмолог. Во 1923 година заедно со Георги Занков, по свое сценарио, Јовков го снима документарниот филм „Македонија во слики“. Во овој филм, кој се сретнува уште како „Македонија“ се прикажани и снимки од пренесувањето на останките на Гоце Делчев во црквата „Света Недела“. Исто така, тој е автор и на сценариото за игран филм „Илинден“.

По 1923 година Арсени Јовков решително се одредува на страната на македонската левица. Тој е еден од авторите на Меморандумот на Илинденската организација од 17 април 1924 година со кој се протестира против прогонот на македонските дејци од страната на бугарката влада на Александар Цанков. Исто така, позитивно се однесува кон Мајскиот манифест од 1924 година и идејата за обединување на левите и десните македонски патриотски сили. Оттука тој прв во Бугарија го публикува Мајскиот Манифест.

По убиството на Тодор Александров (31 август 1924), Арсени Јовков ја напушта Софија и заминува за Македонија, но е убиен на денешен ден, на 14 септември 1924 година во Горна Џумаја (Благоевград), Пиринска Македонија, од страна на приврзаниците на Ванчо Михајлов во рамките на „Горноџунајски атентати и убиства“. Се работи за серија атентати кои ги извршила десницата на македонското националноослободително движење врз припадници на левицата во септември 1924 година во Горна Џумаја. Атентатите се извршени по убиството на Тодор Александров. Постојат две гледишта за причините кои довеле до Горноџумајските убиства. Според првото гледиште, Иван Михајлов под превезот на одмазда за убиството на Тодор Александров, а под обвинение дека тие го сториле тоа, сакал да се пресмета со левицата во Организацијата, предводена од Алеко Василев и Георги Атанасов и со раководството на емигрантската Илинденска организација во Бугарија.

Според второто гледиште, случувањата се оценуваат како етапа на кризата предизвикана од Коминтерната во ВМРО и последен чекор кон решително одделување на левицата од Организацијата како ВМРО (Обединета). Според ова гледиште, Горноџумајските случувања се оценуваат како казнена акција на десницата од ВМРО врз учесниците во заговорот и убиството на Тодор Александров.

Претходна вестТина Иванова разрешена од директорка на Филхармонија
Следна вестПатот Велес- Градско од денеска затворен за сообраќај од 08:00 – 18:00 часот