Дизелот од ноќеска на полноќ поскапува за 2,5 денари, а цената на „еуросупер-95“ и на „екстра лесното масло за домаќинство“ се зголемуваат за 2 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Новата малопродажна цена на „еуросупер-95“ изнесува 90 денари за литар, „еуродизелот“ ќе се продава за 86, а „екстра лесното масло за домаќинство“ за 85 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ не се менуваат цените на „еуродизел-98“ и на мазутот.Тие и понатаму ќе се продаваат по цена од 90,5 денари за литар, односно 47,304 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,795 отсто, кај дизелот за 4,08, кај екстра лесното масло за 3,408 и кај мазутот за околу 0,562 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот, пак, во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,475 отсто.