Во наредниот период ќе има ревизија на наставните програми за средношколци поврзани со здравото живеење и со сексуалното здравје, најави денеска Бирото за развој на образованието. До реакцијата доаѓа по бројните реакции во јавноста околу контроверзните прашања содржани во работните листови по предметот Образование за животни вештини врзани за хетеросексуалноста кај средношколците.
БРО тврди дека скандалозните прашања за хетеросексуалноста не се испишани во учебникот по предметот Образование за животни вештини, туку во изготвениот прирачник за наставници кој е одобрен уште во 2011 година. Според Бирото, наставната програма не е задолжителна, односно наставниците во средните училишта имаат слобода да изберат кои содржини и соодветно на тоа кои работни листови ќе ги реализираат и во кој период од учебната година со цел да одговорат на потребите на адолесцентите.
-Наставната програма за Образование за животни вештини не се однесува на наставен предмет, туку може да се реализира на часот на класната заедница со учениците од прва до четврта година во сите видови средно образование (гимназиско образование, уметничко образование и средно стручно образование). Во програмите за средно образование (од прва до четврта година), во темата Здраво живеење има разработено содржини, цели и активности кои се однесуваат на сексуалното здравје. Со оглед на тоа дека Прирачникот (како и работните листови) и наставната програма за образование за животни вештини се изработени пред една деценија, истите ќе бидат предмет на ревизија во наредниот период кога се планира реформа на средното образование согласно нов Закон за средно образование, наведуваат денеска од БРО.
Се додава дека имајќи ја предвид, брзината со која се шират сензационалистички и лажни вести на социјалните мрежи, граѓаните, родителите и младите со голема доза на претпазливост треба да ги земат и да ги проверуваат сите информации што се споделуваат во врска со образованието на младите, а коишто не се официјално потврдени од надлежните институции.
БРО денеска го избриша линкот до работните листови со контроверзните прашања. Како што објавивме, во нив можеа да се прочитат и следни прашања: „Што сметате дека ја предизвика вашата хетеросексуалност?“ „Дали е можно вашата хетеросексуалност да е само фаза којашто ќе ја надминете?“ „Дали е можно вашата хетеросексуалност да потекнува од страв од истиот пол?“ „Зошто вие хетеросексуалците се обидувате да ги натерате сите да бидат со вашата сексуална ориентација?“ „Дали би сакале вашето дете да биде хетеросексуалец/ка знаејќи ги проблемите со кои се соочуваат како прељуби, болести, разводи?“ „Ако хетеросексуалноста е нормална, тогаш зошто толку многу хетеросексуалци се лица со ментални нарушувања?“…