Три и пол годишно детенце завчера било нападнато од педофил во Дебар маало кој потоа бил приведен од страна на полицијата. Нападот се случил во вечерните часови кога детето се играло со други деца на детското игралиште во оваа населба на подрачјето на скопската општина Центар.
По пријавата, полицијата брзо интервенирала по што напаѓачот е приведен во полициска станица. Утврдено е дека се работи за 39-годишен скопјанец.
-На 13.09.2023 во 22.20 во Скопје полициски службеници од ПС Центар го лишиле од слобода С.Т. (39) од Скопје, постапувајќи по пријава од жена од Скопје дека во парк на подрачје на Центар С.Т. физички го нападнал и го допирал нејзиниот малолетен син. Известен е јавен обвинител и по расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопшти МВР.
Според сознанијата, напаѓачот бил видно алкохолизиран кога го дофатил детето и успеал да му ги соблече и панталоните и гаќичките. Меѓутоа, тоа на време го забалежало другарче на детето по што ја повикало мајката која повикала полиција.
Инаку, по овој напад, родителите на децата од основното училиште „Коле Неделковски“ коешто е во близина имаа средба со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. Договорено било да се поднесе петиција до ресорните министерства за внатрешни работи, труд и социјална политика и за образование и наука зошто се загрижени за безбедноста во реонот на Дебар Маало. Се бара поголемо полициско присуство и контроли.