Македонија протера тројца руски дипломати, Русија најави дека ќе одговори на „неодговорниот и непријателскиот чин“        

Тројца руски дипломати се проглазени за непожелни во Македонија на кој потег Русија најави свој одговор. Ова вест вчера попладне ја објави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова преку социјални мрежи.

-На 12 септември властите на Северна Македонија, без објаснување на причините, прогласија тројца дипломати на Руската амбасада во Скопје за персона нон грата. Неодговорниот и непријателски чекор на властите на Северна Македонија нема да остане без одговор, објави вчера преку Х (Твитер) Захарова.

Во меѓувреме, од македонското МНР се уште нема информации за ваквата одлука. Порталот на албански јазик Алнакос вчера објави дека македонското Министерство за надворешни работи ја известило Амбасадата на Русија дека тројца нејзини дипломати се прогласени за персона нон грата и дека тие имаат пет дена за да ја напуштат Македонија. Порталот одлуката на македонските власти ја дознал од извор во МНР, а од увидот во одлуката ги објави и нивните имиња – се работи за политичките советници И. Хропјачков, А. Рождевсвенски, како и за аташето С. Попов, кои, како што било наведено, вршеле дејства несоодветни за дипломатијата и сомнителни активности, спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи. Во веста се наведува дека е протеран и еден свештеник на Руската православна црква В.Змеј.

Инаку, коментарот на Захарова е објавен и на официјалната интернет-страница на руското Министерство за надворешни работи. Покрај информацијата за прогласувањето на тројцата дипломати за „персона нон грата“, во коментарот се наведува дека властите во Северна Македонија „продолжуваат да се движат по патот на влошување на конфронтацијата и да ги водат билатералените односи, кои и онака се во длабока криза, во ќорсокак

-Одлуката за протерување на нашите колеги ја сметаме за несоодветна желба на раководството на оваа земја уште еднаш да им ја покаже на западните чувари нејзината важност во борбата против имагинарната ‘руска закана’. Неодговорниот и непријателски чекор на северномакедонските власти нема да остане без одговор, се наведува во коментарот на Захарова, објавен на веб-страната на руското МНР.

На овие лица им остануваат уште пет дена за да ја напуштат земјава.

Претходна вестПроменливо облачно и нестабилно, попладне дожд
Следна вестГрадоначалникот на Њујорк денеска ќе го крене македонското знаме