Пелистер во среда со почеток од 20:45 часот му гостува на Алборг во рамките од второто коло во Лигата на шампионите.
Битолскиот тим разочара во првото коло кога доживеа дебакл на свој терен од Колстад, а сега ќе имаат тешка задача да го поправат впечатокот во Данска, но Јовиќ верува во своите момци.
-Втор натпревар по ред играме против скандинавски ривал. Не треба да се трошат зборови за Алборг. Оваа екипа неодамна играше и финале на Лигата на шампионите, а сега се засилени со ракометари како Ландин и повратникот Хансен. Верувам дека ќе се издигнеме, ќе одиграме во рамките на нашите можности и достојно ќе го претставиме македонскиот ракомет“, вели Јовиќ.
Новото засилување на Пелистер, Данецот Андреас Јохан Нилсен најдобро го познават Алборг.
-Добро го познавам тимот на Алборг, играв со многу ракометари во нивната екипа, а со некои често бев и противник. Сите знаеме колку се силни и тоа го покажаа на натпреварот против Киелце. Загубија во Суперкупот на Данска од ГОГ Гудме, но тоа и не е толку важно натпреварување во Данска. Многу поважно е како реагираа потоа и наредија само победи во данското првенство и Лигата на шампионите“, вели Нилсен.