Македонското друштво „Илинден“-Тирана преку соопштение за јавноста „најостро го осудува крајно агресивното и дрско однесување на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров кон Македонците во Голо Брдо и Мала Преспа”.
– Во екот на пописот во Република Албанија, бугарскиот амбасадор Ивајло Киров, без основно почитување на националните чувства на Македонците во Република Албанија, врши отворен атак врз македонското население во Голо Брдо и Мала Преспа, а со намера да ги убеди да се попишат како Бугари. Со своите постапки бугарскиот амбасадор ги надминува своите овластувања на претставник на бугарската држава во Република Албанија, оценува друштвото.
Од друга страна, стои понатаму во соопштението, ваквиот недозволив акт претставува и директно мешање во работата на албанската држава и на албанските институции кои се задолжени за спроведување на реален и законски попис во државата.
– Ние Македонците, како граѓани на Република Албанија, кои се примерни жители и редовни извршувачи на своите обврски кон државата, бараме соодветна заштита од насилството кое го вршат Бугарите врз нас, Македонците во Република Албанија. Како Македонци, свесни сме дека од бројот на попишаните Бугари во Република Албанија зависи количината на агресивност што ќе се врши врз нашата матична држава, Македонија за промена на Уставот и запишувањето на Бугарите како конститутивен народ во него, се наведува во соопштението.
Се наведува дека Киров дели мобилни телефони, таблети во Требиште и лекови во Пустец, како и книги на бугарски јазик за македонските деца.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана ја искажува својата разочараност од „ваквата активност на една членка на Европската унија бидејќи на овој начин покажува дека мешањето во целиот тек на пописот и неговата законитост се под знак прашалник”.
– Знаеме и тоа дека бугарската агресивност кон нас Македонците, кои не сакаме да газиме по сопственото македонско чувство, треба да ја запрат само институциите на државата во која живееме, Република Албанија. Македонците во Република Албанија не сакаат да поверуваат дека ваквите притисоци врз нив од страна на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров ќе поминат без реакција од страна на албанската власт, се нагласува во соопштението.
Тие очекуваат реакција и од Европската унија.