Притисоците и обидите Македонците во Албанија да се натераат на актуелниот попис на населението да се изјаснат како Бугари не запираат. Во ова сега се вклучи и претседателот на бугарската фондација „Македонија“ Виктор Стојанов кој упати и еден вид на закана до Македонците од Пустец. Тој преку социјалните мрежи ги предупреди дека ако не се попишат како Бугари на пописот кој е во тек во Албанија, ќе им бидат одземени бугарските пасоши.
-До сите жители на општина Пустец, Албанија: „Доколку сега на пописот не се пријавите како етнички Бугари, во најкус можен рок ќе ви бидат одземени бугарските државјанства, а доколку сте во постапка – веднаш ќе ви бидат прекинати процедурите. Веќе имаме еден таков случај. Размислете, им порача Стојанов на Македонците од Пустец.
Завчера и македонското друштво „Мост“ од Албанија најостро го осуди притисокот што бугарската амбасада го врши врз Македонците во Албанија. Претседателот на македонското друштво „Мост“, Бесник Хасани реагира на посетата на бугарскиот амбасадор во областа Голо Брдо.
-Најсилно што може, ги осудуваме постапките на бугарскиот амбасадор во Албанија, кој на вториот ден од пописот во придружба и на албанската полиција ги посети селата на Голо Брдо каде ги убедуваше Македонците да се попишат како Бугари на пописот, притоа делејќи им на улица бесплатни електронски уреди – таблети и телефони, изјави Хасани.
Тој додаде дека наставниците од деветолетката во село Требиште не му дозволија на амбасадорот да го посети училиштето и да врши бугарска пропаганда. Исто така, и администраторот на административната единица Требиште одбиле да се сретнат со бугарскиот амбасадор.