Постапка против 39-годишна жена која го оставила седуммесечното бебе само и без грижа поведе Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Гостивар. По пријава во полиција, тим од социјални работници вчера влегол во куќа на улица „Илинденска“ и затекнал седуммесечно бебе во лоша здравствена состојба.
-Детето било оставено само и дехидрирано по што е пренесено во гостиварската болница и оттаму испратено за Скопје. Мајката има уште две деца, едно на осум и другото на 1,5 годишна возраст. Со оглед дека станува збор за нефункционално семејство, за децата е поведена постапка и во најскоро време тие ќе бидат сместени во згрижувачко семејство, наведуваат од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа.
Од оваа институција најавуваат и постапка за одземање на родителското право на мајката врз трите деца, бидејќи таа е осудена и до правосилноста на пресудата се наоѓала во куќен притвор.