Обвинение против медицинската сестра на Онкологија која крадела цитостатици

Јавното обвинителство поднесе обвинение за „проневера“ против медицинската сестра од Клиниката за онкологија која се сомничи дека крадела цитостатици.

Осомничената не е достапна за органите на прогонот.

– Јавното обвинителство против неа поднесе два обвинителни предлози за кривични дела – „проневера“ во службата од член 354 од Кривичниот законик. Во текот на претходната постапка, Обвинителството обезбеди докази дека обвинетата, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, присвоила поголем број ампули со различна намена во вкупна вредност од 59.760 денари кои ѝ биле доверени во службата. Ампулите ги изнесувала од работното место, а потоа ги оставала во автомобил со намера да ги предаде на друго лице – појаснуваат од Обвинителството за МИА.

Медицинскиот директор на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, Виолета Клисаровска на почетокот од месецов информираше дека медицинската сестра била фатена во повторен обид за кражба и дека е отстранета од работа.

На новинарско прашање какви овластувања имала сега отпуштената, директорката одговори дека станувало збор за медицинска сестра во дневната болница и не била директно поврзана со припрема на лековите.

Претходна вестИран промовираше дрон со најдолг дострел во светот
Следна вестЕ. Пелистер убедливо го совлада Мулти Есенс