Полскиот премиер до Зеленски: Не ги навредувај Полјаците

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки вчера му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски да не ги навредува Полјаците, продолжувајќи со својата жестока реторика кон Киев откако полскиот претседател се обиде да ги смири тензиите поради спорот околу увозот на жито.

Минатата недела Полска одлучи да ја продолжи забраната за увоз на украинско жито, а со тоа ги загрози односите со соседната земја разурната од војна, на која значително и помага од почетокот на руската инвазија во февруари минатата година.

Зеленски ја налути соседната земја кога на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк рече дека Киев работи на зачувување на копнените патишта за извоз на жито, но дека „политичкиот театар“ околу извозот на тој производ само и помага на Москва.

– Сакам да му кажам на претседателот Зеленски никогаш повеќе да не ги навредува Полјаците, како што направи неодамна за време на неговиот говор во ОН, рече Моравјецки.

Владејачката партија Право и Правда (ПиС) на Моравјецки е на удар на десницата поради нејзиниот наводен поданички однос кон Киев. Аналитичарите веруваат дека тоа го принуди ПиС да заземе поагресивен став кон Киев.

Вчера претседателот Анджеј Дуда, сојузник на ПиС, во обид да ги смири тензиите, изјави дека спорот меѓу двете земји околу извозот на жито нема да ги загрози нивните добри билатерални односи.

Во меѓувреме, полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау во напис за Политико рече дека Полска сака „силна украинска држава“ која ќе излезе од војната со динамична економија и дека Варшава „ќе продолжи да ги поддржува напорите на Украина за влез во НАТО и ЕУ.

Словачка и Унгарија, исто така, воведоа ограничувања за увоз на жито од Украина, тврдејќи дека евтиното украинско жито, главно наменето за транзит до западните пристаништа, се продава локално, што им штети на нивните фарми.

Претходна вестПендаровски: Со измените на Кривичниот законик, Груевски не се враќа во Македонија
Следна вестПод мотото „Прекрасното непознато“ почнува 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“