Вучиќ го осуди убиството на полицаецот: Се побунија Срби од Косово не можејќи да го трпат теророт на Курти

По вооружената пресметка и загинувањето на косовски полицаец, синоќа се огласи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

-Србите од Косово, а не луѓето од централна Србија како што лажеа, се револтираа и не сакаат повеќе да го трпат теророт на Курти. Од 3 ноември, кога Курти го разреши Ѓуриќ, тие ја користеа косовската полиција против Србите 62 пати, 22 ескалирачки потези во северот на Косово, 56 етнички мотивирани напади врз Србите. Беше само прашање кога, особено оние кои ги гони полицијата и кои постојано се движат по централната релација Србија-Косово, ќе се обидат да направат нешто за себе и за своите семејства. Не сакам да го оправдам убиството на албански полицаец, тоа е за осуда и тоа никому не му требаше во моментот кога сите сфатија дека Курти е главниот организатор на хаосот во Косово, изјави Александар Вучиќ.

Тој објасни дека за само еден час и дваесет минути тие неколку десетици Срби биле целосно опколени, и дека очигледно тоа е направено заедно со меѓународните сили.

-Беше извршен брутален напад врз нив и на почетокот се чудевме зошто КФОР не го направи тоа, ќе имаше помалку жртви. Според нашите информации со кои располагаме, потврдено е дека се убиени тројца Срби од Косово. Двајца од снајперски оган, кога не мораше да бидат ликвидирани. Двајца од нив се тешко ранети, а се стравува дека е убиено и четврто лице. Следевме, пресретнавме што прави албанската полиција, доказите ќе ви ги покажеме, можеби и на конференцијата, само го чекаме преводот, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија наведе дека прашање е дали едно лице ќе преживее само затоа што не сакале да му помогнат и дека  имаат аудио снимки на кои албанската полиција се смее и вели „нека умре“.

„Група Срби од Косово и Метохија поставија два камиони како барикади во Бањска на северот на Косово, потоа пристигнува косовската полиција и се обидува да ги отстрани барикадите, по што доаѓа до конфликт во кој е убиен албански полицаец, а едно лице е рането“, изјави Вучиќ на првата медиумска конференција и додаде дека не се обратиле порано, бидејќи требало да има време да се испита што се случило и да се донесат одлуки што Србија ќе ги спроведе.

Како што додаде, иако секој ден во Брисел и Њујорк предупредувал дека сето ова може да се случи, малкумина сакале да слушнат.

-Курти е единствениот виновник за се. И дел од меѓународната заедница која му помага. Тој е единствениот што сака конфликти и војна, неговата животна желба е да не вовлече во војна со НАТО. Жал ми е што тамошните Срби паднаа на неговите провокации. Наше е да направиме се што можеме за да спречиме повеќе крвопролевање и да го зачуваме мирот, рече претседателот на Србија.

Претходна вестМакрон прво се спротивстави, но сега го смени мислењето: Ги повлекуваме војниците од Нигер
Следна вестДоста со навреди на интелигенција дека за големите катастрофи во Македонија е виновен кабелот, кочниците или сестрите, вели Мицкоски