По две години откако поднесе оставка на премиерската и лидерската позиција во СДСМ Зоран Заев се појави во седиштето на владечаката партија. Тој, според објавата на лидерот Димитар Ковачевски ќе биде дел од стратешкиот тим на партијата. Заев синоќа беше на иста маса со премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, шефот на кабинетот на премиерот Мартин Попов, поранешниот пратеник и функционер на СДСМ, Игор Ивановски – Шема, и организацискиот секретар на партијата, Митко Трајчулески.
Ковачевски во објавата на Фејсбук наведе дека целта е да се направи консензус за Македонија да стане члнека на ЕУ.
– СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат. Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030 г. Европскиот пат и полноправното членство во ЕУ е највисок државен и национален, македонски приоритет. Ова е клучен момент, се работи за сегашноста, стабилноста и извесната иднина на сите наши граѓани, за иднината на денешните и идните генерации. Граѓаните заслужуваат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја, нивната татковина, напиша на социјалните мрежи Димитар Ковачевски.
По ова, на Фејсбук се огласи и Заев. Тој порача дека постои државничка одговорност да се преземат храбри и одлучни чекори.
-Демократскиот блок не исклучува, тој здружува. Мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава, напиша поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во објава на Фејсбук по средбата што ја имаше со врвот на СДСМ во партиското седиште.
Заев во објавата вели дека членството во ЕУ сега се чини најдостижно.
-На тој пат, ние социјалдемократите, имаме државничка одговорност да преземаме храбри и одлучни чекори. Демократскиот блок не исклучува, тој здружува. Тоа е единствената и проверена формула за нов македонски успех, додава поранешниот прв човек на СДСМ.