Наместо најавените 6,8 пензиите ќе се зголемат за 5,3 отсто, пензионерите со нови барања

Наместо најавените 6,8 проценти септемвриските пензии, чијашто исплата започнува во понеделник, ќе бидат зголемени за 5,3 отсто. Од Министерството за труд и социјална политика ова го објаснија со примената на методологијата за пресметка.

-Согласно методологијата и податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за месец септември ќе биде зголемена за 5.3 отсто. Ова е второ усогласување за оваа година, во месец март беше зголемена за 8.4 проценти и заедно со 5.3 отсто во септември, изнесува вкупно 13.7 проценти, соопштија оттаму.

Според пресметките, од ова покачување најмногу ќе добијат корисниците на највисока пензија, околу 3.700 денари плус. Пензионерите, пак, со најниски пензии ќе добијат само 700 денари.

Од друга страна, пензионерите коишто минатите недели протестираа во повеќе градови во земјава барајќи исплата на линерано покачување од 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари, сега истапија со нови, поголеми, барања. На седницата одржана вчера во Неготино Иницијативниот одбор за повисоки пензии, кој се преименува во Сојуз на пензионери за достоен живот, граѓанско здружение, тоа го објасни со зголемените трошоци на животот.

-Донесовме неколку заклучоци за работата во наредниот период. Наместо 3.500, бараме линеарно покачување на пензијата од пет илјади денари, минимална пензија од 20 илјади денари. Овие барања се согласно трошоците на животот, кои секојдневно се качуваат. Протестите продолжуваат низ градовите во Македонија, но и нивна радикализација, кажа Кире Василевски, секретар на Сојузот.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пак, вчера во Собранието изјави дека протестите на пензионерите се политички мотивирани.

-Нема политика кај дел од пензионерите, меѓутоа во Иницијативниот одбор има политика, името е ВМРО-ДПМНЕ. Сите членови на Иницијативниот одбор се токму од вашите органите на партијата – од извршниот одбор, од Унијата на жени, претставници на вашата политичка партија, истакна министерката за труд и социјана политика Јованка Тренчевска одговарајќи на прашање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески околу преговорите за пензиите.

Претходна вестВечерва за време на Бела ноќ 2023 бесплатен јавен превоз во Скопје
Следна вестКонцерти, претстави, изложби… на 19. издание на „Бела ноќ“