Апсолутно не е соодветно ниту времето ниту моментот на носење Закон за амнестија, изјави денеска Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. Тој смета дека со вака предвиденото решение нема да постигне завртаната цел за растеретување на пренатрупаноста во затворите, а носи ризици по безбедноста. Наспроти тоа, порачува Спасовски, државата треба поинаку да му пристапи на проблемот, а решенијата да одат во насока на зголемување на капацитетите на затворите.
-Апсолутно не е соодветно ниту времето ниту моментот на носење Закон за амнестија. Второ, опфатот кој е барем соопштен, дека ќе опфати прилично мај број на лица, исто така нема да помогне многу. Меѓутоа сега тоа е работа на собранието. Прво, сметам дека нема да имаме никакви ефекти во однос на носењето на законското решение, нема да допринесе значително да се ослободат места или да се намали притисокот на казнено – поправните установи. Јас мислам дека треба државата стратешки да размислува во зголемувањето на капацитетите на затворските институции, рече Спасовски кој денеска го посети Центарот за обука на МВР во Идризово каде што во тек е процесот на селекција на кандидати за 12-месечна основна обука за полициски службеници, во генерацијата 2023-2024.
Со законот, кој е на предлог на министерот за правда, целосно ќе се ослободат лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а на останатите осуденици на полесни кривични дела ќе им се намали казната за 30 отсто. Целта на носењето на законот, како што стои во оваа верзија, е ресоцијализација на сторителите на кривични дела и намалување на пренатрупаноста во затворите а со тоа и државата да има помал финансиски трошок.