Ќе се сретнат ли Арсовска и ЕСМ на мостот „Беласица“?

Кој да ги санира оштетувањата на долниот дел од мостот „Беласица“ во Скопје за да може да се монираат топловодните цевки со кои скопјаните нема да плаќаат поскапо парно греење – Градот Скопје или ЕСМ? Ова прашање излезе клучно како причина за досегашното постојано одложување на поставувањето на цевките. ЕСМ деновиве се обиде да постави само топловодни цевски, но нивните екипи беа спречени од Градот Скопје од каде бараат прво да се изврши санацијата на опгетувањата во мајскиот пожар.

-Знаете каква беше ситуацијата на мостот, некои минорни оштетувања, коишто сепак постојат иако не влијаат на безбедноста и на стабилноста на мостот, но надворешноста, изгледот и можноста да се монтираат нов сет на цевки што би биле во функција на топловодната мрежа , мора да се санира, првенствено од штетата што е предизвикана од горење на изолацијата, за да може да настане монтажата. Камионите таму се спречени да работат оти не поседуваат соосветна документација. Не можете без да имате соодветна дозвола за движење со тешки товарни возила да циркулирате низ делови на градот каде ви е потребно да имате дозвола, изјави неодамна градоначалничката Данела Арсовска и повтори дека кога веќе сакале да монтираат подобро најпрво да започнеле со санацијата.

Од друга страна, од ЕСМ само соопштуваат дека се подготвени во најкус рок да ги постават цевките, но не кажуваат што со оштетувањата, дали планираат и тие да ги поправат?… И така, времето поминува, наближува студеното време кога ќе мора да се вклучи парното греење. РКЕ веќе предупреди дека без тој топловод сметките може да излезат многу поскапи за граѓаните.

Очигледно, проблемот меѓу Градот Скопје и ЕСМ постои и треба што побрзо да се реши. Зошто тоа не се случува, зошто нема договор кој да изврши санација, никој не соопштува. Тука важно е и прашањето дали екипите на ЕСМ чија првенствена работа е монтажа на топловоди можат и стручно да извршат санација на пукнатините и оштетувањата на долниот дел од мостот? Или тоа треба да прават други градежни екипи чија специјалност е градењето на мостовите? Без одговор на ова прашање, и по некаква санација и „крпењето“ што би ги извршиле екипите на ЕСМ ќе остане сомнежот кај граѓаните дали мостот е добро саниран. Како малку да беа сомнежите дали е добро извршена проценката дека мостот има само помали оштетувања.

Претходна вестГраѓаните отсега можат да ги споредат надоместоците за платежните услуги кај банките
Следна вест30-дневен притвор за албански возач кој предизвика тешка сообраќајка кај Кавадарци