Поранешниот словачки премиер Роберт Фицо и неговата левичарска партија победија на парламентарните избори во Словачка, покажуваат прелиминарните резултати, пренесува новинската агенција Асошиејтед прес (АП).
По пребројани 99,2 отсто од гласовите на околу 6000 гласачки места, поранешниот премиер Фицо и неговата партија СМЕР – Словачка социјалдемократија (СМЕР – ССД) водат со освоени 23,3 отсто од гласовите.
Изборите одржани на 30 септември, како што пишува АП, се тест за поддршката на малата источноевропска држава, која е членка на Европската унија (ЕУ) и НАТО, за соседната Украина во војната против Русија. Победата на 52-годишниот Фицо би можела да го наруши кревкото единство во ЕУ и НАТО.
Фицо ја базираше кампањата на проруски и антиамерикански пораки.
Поранешниот премиер вети дека ќе ја повлече воената поддршка од Словачка за Украина ако успее да се врати на власт.
Либералната Прогресивна Словачка, според прелиминарните резултати, освои 17 отсто од гласовите.
Левичарската партија Хлас (Глас), која ја предводи поранешниот заменик на Фицо во партијата Смер, Петер Пелегрини, освои 15 отсто.
Пелегрини се разиде со Фицо откако Смер изгуби на претходните избори во 2020 година, но нивното повторно можно зближување би ги зголемило шансите на Фицо да формира влада, пишува АП.
Другиот потенцијален коалициски партнер, ултранационалистичката Словачка народна партија освои 5,7 отсто од гласовите.
Со оглед на тоа што ниедна партија не освои мнозинство во Парламентот, ќе мора да се формира коалициска влада. Претседателот традиционално ѝ го нуди мандатот за формирање влада на партијата која освоила најмногу гласови на изборите.