Вака не се смирува дете, зарем е ѕвер па да го врзувате, реакција на мајката на момче со аутизам по третманот во психијатриската болница

„Јас не можам да верувам каде живееме, зарем нашето дете е ѕвер? Во 21 век да го врзувате?“, прашува Салка Анес Абдуловска, од Дебар, мајка на 17-годишно дете со аутизам откако детето ѝ било вратено во ужасна состојба и со рани од врзување.

Во својот пост на Фејсбук таа се пожали дека нејзиниот 17-годишен син кој бил хоспитализиран пред 1 месец во психијатриска болница во Демир Хисар, вчера бил отпуштен од болницата со рани од врзување.

„После месец дена мојот син го зедовме од Психијатриската болница, така ни кажаа.

Јас не можам да верувам каде живееме, зарем нашето дете е ѕвер? Да, агресивен стана овие две години и затоа побаравме здравствена помош, но во 21 век да го врзувате??? Дали така се заколнавте кога полагавте дека ќе бидете хумани. Ова дете е 17-годишно!

Душата ме боли, се прашувам дали низ погрешивме што побаравме помош. Зошто нема соодветна институција за нашите деца? Вака не се смирува дете, ова е насилство! Барам одговорност за овие рани од што бил врзуван“, напиша Абдуловска во објаватана Фејсбук.

Од Психијатриската болница во Демир Хисар за порталот СДК.мк изјавија дека пациентот е лекуван во таа установа во текот на изминатиот месец.

-Станува збор за лице со нарушување од аутистичен спектар во изразито влошена состојба. Претходно бил одбиен за третман од повеќе установи. Актуелниот прием е реализиран на упорно инсистирање на родителите, иако притоа беа запознаени со условите во установата и дека не станува збор за соодветна институција за негов третман. Лекувањето е согласно медицина базирана на докази и во текот на третманот се бележеа одредени ситуации за кои е неопходно физичко ограничување. Истите се изведуваа согласно протоколите. Тоа се ситуации кои се поврзани со ризично однесување во смисла на автодеструктивност или агресивност кон другите. Родителите во текот на целиот третман беа навремено и редовно известувани за неговата состојба, велат од  Психијатриската болница во Демир Хисар за СДК.мк.

Случајот веднаш предизвика и реакции во јавноста. Ребека Јанковска Ристески која од 2010 година кога беше формирано здружението „Дајте ни крилја“, е активна во борбата да им помогне на лицата со хендикеп, дисфункции, посебни потреби и ретки болести.

-Европа одамна излезе со концепти, системи, правилници и стандарди како треба да изгледа еден центар за аутизам. Одамна требаше да се направи сето тоа бидејќи веќе постојат стратегии, постојано праќаат едукатори, се шетаат низ светот по обуки, ама ние аир не видовме од тоа. Дали сте свесни дека децата со аутизам не се за во психијатриска установа!??? На нив им треба грижа, љубов, сензорни соби, базен, стручно лица, дворно место, игралишта, учење на животни вештини, креативни работилници и анимација!!! Доколку имаат соодветни третмани и услови, тие ќе бидат сосема поинакви!, реагира Јанковска.

Претходна вестПронајдено вино старо 5.000 години
Следна вестСпасовски: Цврсто стојам на ставот дека со предложената амнестија не се постигнуваат ефекти