ЕУ да ни покаже, а не само да ни каже дека сака проширување со нови членки

Македонија со години и години чека датум кога ќе го добие датумот за преговори со ЕУ, по што ќе може да ја фати кваката од влезната врата на Унијата. Слично е и со други земји од регионот, додуша некои ја фатија кваката, ама со години само ја држат, никако и да ја отворат портата.

И сите овие години од Брисел стигнуваат пораки дека ЕУ многу сака да не прими во своите редови и дека проширувањето не е затворено како тема. Ама…

Еве сега ЕУ пак е преокуирана со проширувањето на Унијата. Тоа дури ќе биде главна тема на две локации каде имаат важни состаноци.

Во Шпанија, во Гранада денеска ќе се одржи третиот состанок на Европската политичка заедница, на кој ќе учествуваат лидерите од вкупно 47 земји, од кои 27 земји-членки на Европската Унија, Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азејберџан, Грузија, Турција и Украина… Ќе се појават и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Европскиот парламент, Роберта Мецола… ќе разговараат за главната тема – проширувањето на ЕУ.

-За да има проширување на Унијата кандидатите за членство мора да ги спроведат реформите, а ЕУ од своја страна мора да се подготви за нивниот прием и ова е првпат по многу години да имаме дебата на високо ниво за вакво фундаментално и важно прашање, објасни вчера претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Мишел, кој неодамна најави дека ЕУ мора да биде подготвена за прием на новите членки во 2030-та година, додаде дека лидерите на 27 земји членки на ЕУ треба да „идентификуваат и да решат што сакаат на краток рок, што на среден рок, за да се постигне напредок“.

Околу новиот датум – 2030 година денес проговори и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел:

– Целта на поставување на датум е да се мобилизира политичката енергија за да започне движење. Добро е да се има цел, да се има хоризонт, но тоа не е прецизен датум. Ако немаме хоризонт луѓето ќе мислат дека има време, но ние немаме време. Изгубивме многу време во процесот на проширување, изјави Борел.

Дали ова значи дека датумот е растеглив не е баш јасно, но наскоро да се надеваме ќе се види и тоа.

Инаку, за забрзувањето на европската интеграција ќе се зборува денеска и во Тирана каде ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес. Покрај шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан, како Македонија, Црна Гора, Србија, Косово и Босна и Херцеговина, на средбата ќе учествуваат и земјите членки вклучени во процесот, Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија, Словенија и Обединетото Кралство, ќе учествуваат еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, германската министерка за надворешни работи Анаклена Бербок и други.

Значи, две важни конференции каде тема е проширувањето. Сега е важно да се види што конкретно ќе произлезе од нив.

Да, нема дилеми дека земјите – кандидатки за членство во ЕУ пак ќе добијат силни ветувања дека во иднина ќе бидат дел од ЕУ. Впрочем така беше и неодамна на собирот во Солун, Грција, каде се одбележуваше денот кога пред 20 години на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун и беше ветувано дека целиот т.н. Западен Балкан ќе биде дел од Унијата.

Така беше на и бројни други што формални, што нефорамлни самити меѓу ЕУ и земјите коишто сакаат да влезат во европското семејство. Но, тие земји и натаму се каде што се – во чекалната за прием на којашто од неодамна стои назнака „2030“, но никој не дава какви и да е гаранции дека тогаш и ќе се случи проширувањето. Напротив, сега започнуваат дискусиите како ЕУ да се прилагоди на функционирањето со 35 земји од сегашните 27, како да функционира процесот на носењето на одлуките за коишто никој не знае колку ќе траат. 

Време е ЕУ да покаже, а не само да ни каже дека сака проширување со нови членки.

Претходна вестЗапочнува системот за наплата на паркинг во Ист Гејт Мол
Следна вестПлатите на околу 2.000 функционери дополнително ќе бидат зголемени до 400 евра