Битиќи објаснува: Чипсот, гумите за џвакање и сладоледот поскапуваат оти се нездрави за луѓето

Не е вистина дека има зголемување на цената на над илјада производи, опфатени се 358 категории на производи, изјави денеска Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања. Врзано за денешното стапување во сила на одлуката за применување на новата стапка на Данокот на додадена вредност од 10 отсто, наместо најниската од пет отсто, за голем дел од прехранбените производи, тој рече дека е погрешно прочитана листата на производи, поради тоа што одлуката има два дела. Првиот дел е продукти кои спаѓаат во повластената тарифа, односно повластената даночна стапка од пет посто.

– Таму е дефинирано, за разлика од претходното дефинирање во Законот, до детали кои се продукти спаѓаат во повластената даночна стапка од пет посто. И понатаму на страна 46 од одлуката се вели повластената стапка од данокот на додадена вредност, се применува врз прометот на следните услуги. Има вкупно 358 продукти или царински тарифи со одредени продукти кои спаѓаат во новата стапка, од 10 посто. Маркетите треба да започнат од денеска да ги менуваат цените од производите, рече Битиќи.

Тој објасни дека ако има некакви пропусти на следната седница на Владата ќе бидат решени.

–Мора да кажеме што е тоа што сметаме дека треба да го стимулираме. Граѓаните имаат навики на храна, но одредени продукти ако во овој момент сметаме дека треба да бидат во стапката од 10 посто, оставаме простор да се ревидира ако тоа е дел од секојдневната исхрана на граѓаните. Сметам дека може да има различно толкување на одредени царински стапки, на одредени продукти затоа што не е целосно јасно, вели тој.

Битиќи се согласува дека млечен премаз со висока масленост од овчо млеко треба да биде несекојдневен и треба да има стапка од 10 осто. Вицепремиерот не знаеше да одговори зошто ајварот останува со 5 посто, а лутеницата со 10 посто. За чипсот, гумите за џвакање, сладоледот, тој кажа оти спаѓаат во категоријата на нездрави производи затоа што има повисока шеќерна вредност и не смета дека е основен прехранбен производ. Во однос на цената ја јајцата и оризот тој кажа дека таа цена е поадекватна во овој временски период.

За цвеклото како здрава храна и е со 10 отсто, Битиќи додаде дека ќе се ревидира.

– Ние не ги носиме мерките на штета на едните или другите. Мораме да донесеме мерки кои што ќе ја ублажат кризата и нема да нанесат штета на производителите. Веќе во вторник имаме закажано седница на влада и може да се ревидира одлуката. Не гледам голем проблем за корекција на десетина производи, кажа Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарско прашање.

Претходна вестАнтикорупционерите добија пријава против ректорката на УКИМ Ангелова: Тонењето на Универзитетот се случува поради нејзините лични и бизнис интереси
Следна вестВо оваа земја лиценца за поседување автомобил чини над 100.000 долари