Одбележан Денот на органодарителството, за три години 67 лица добиле шанса за нов живот

За период од три години, 19 семејства дале согласност за донирање и трансплантирани се 67 органи и тоа 34 бубрези, три црни дроба, девет срца и 20 коскени ткива, беше соопштено денеска во рамките на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството, 7 октомври. Во „Европска куќа“ во Скопје беше означен почетокот на проектот „Поддршка на системот на трансплантација“, финансиран од Европската Унија. Преку симболично засадување на младо растение како синоним за нов живот кој треба да се негува, присутните оддадоа почит, како што беше кажано, на сите 19 донори и на нивните семејства, благодарение на кои во последниве три години, 67 лица добија орган и шанса за нов живот.

Педесет и седумгодишниот Иван Огњановски е еден од тие 67 лица. Во мај 2020 година му било трансплантирано срце од починат донор. Тој е првиот пациент во земјава кај кого беше направена трансплантација на срце.

– Треба да сме свесни дека понекогаш некој крај значи и нов почеток. Нов живот. За нас како пациенти тоа е нов почеток, за семејствата е можеби утеха дека дел од нивните најблиски продолжува да живее. За сите останати е надеж и верба во добрина во ова малку тешко време кое го живееме. Денес, три години по трансплантацијата, семејството на дарителот е мое ново семејство. Постојано имам покани за дружби во Дојран. Тоа за мене значи и нов живот и нови пријатели. Тешко е на тие средби кога се навраќаат и на најблиските кои не се веќе живи, ама во исто време, зборуваме и за она што значи иднина, посочи Огњановски за МИА.

Дарко Голубовски, пациент кај кого била направена трансплантација на срце, се заблагодари на сите што му дариле, како што рече, нов живот.

– Среќен сум со новото срце. Го дочекав. И се заблагодарувам на фамилијата. Благодарен сум на сите, ми дарија нов живот. Тоа е за мене благослов. Моето срце го изгубив, ама ова ќе го чувам. Верував кога ми викаа дека ќе ми биде подобро, откри Голубовски.

Процесот на трансплантација од починат донор во Македонија започна во 2015 година по донесените законски измени кои ја дефинираат оваа материја. Најголем напредок е направен во 2020 година со започнување на мултиорганската трансплантација, или трансплантацијата на повеќе органи од еден донор. Таа година е направена и првата трансплантација на срце, следната се направени првите трансплантации од коскени ткива, а минатата 2022 година за првпат е направена трансплантација на црн дроб. Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека за релативно краток период, од само три години успеале од речиси нула донори, да стигнеме до мултиорганска трансплантација.

Претходна вестСемејството на Албанка од Македонија било против нејзиниот брак со загрепчанец, ја киднапирале од куќата на нејзиниот вереник
Следна вестНајново истражување: Вештачки засладувачи ја уништуваат меморијата