Во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски, претставници од боречките организации од Кичево, Охрид и Струга, делегација од родниот град на народниот херој Јосиф Јосифовски – Свештарот, Гевгелија, почитувачи на оваа епопеја, денес беше одбележана 80-годишнината од крвавата битка кај село Кленоец, кичевски. Во една од најкрвавите битки што се случиле во Македонија во текот на НОВ на 5 и 6 октомври 1943 година животот го положиле 67 борци и 30 жители од месното население.
Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање потсети дека на битката и претходело објавувањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ до македонскиот народ. Манифестот ја дава конкретната програма и насоки за натамошниот тек на антифашистичката борба до конечно ослободување и ги исцртува контурите на идното уредување на македонската држава. Но, исто така, Манифестот предупредувал дека и покрај големите победи и ослободените територии, на македонскиот народ му претстојат уште многу тешки и крвави борби со фашистичкиот окупатор и неговите соработници, до целосното и конечно ослободување на Македонија.
-Првата таква борба се случила само три дена подоцна, на 6 октомври 1943-та, тука во Кленоец. Овој простор бил клучен, не само поради неговата стратешка положба, туку, уште поважно, поради нескршливиот, слободарски дух на народот, кој неколку децении претходно има дадено и многу илинденци. Партизаните биле нападнати од заседа, а во борбата што траела од мугрите до квечерината загинале многу храбри борци од Кичевско, Охридско, Струшко. Меѓу нив бил и народниот херој Јосиф Јосифовски-Свештарот. Преживеаните борци се повлекле во Црвена Вода каде што посведочиле за исходот на битката и за фашистичките репресалии врз локалното население. Иако поради тешките загуби битката кај Кленоец била привремено загубена, сепак, патот кон добивање на војната бил целосно отворен. Со последователните воени акции, како Февруарскиот поход, беше трасиран патот до АСНОМ и прогласување на слободна македонска држава за прв пат во нашата историја, потенцира Пендаровски.