Ревизор Ацевски: На Онколoгија имаме ситуација во која „Кадија те тужи, кадија те суди“

На Клиниката за Оноколгија имаме ситуација во која кадија те тужи кадија те суди. Што е тоа? Раководители на сметководство, одговорни лица за материјална евиденција се ставени во пописна комисија. Немаме разграничување на надлежности. Кој е тој што самиот ќе направи, да констатира одредени неправилности во работењето?, прашање е кое денеска го постави главниот државен ревизор Максим Ацевски. Тој пред пратениците реферираше за тоа што се случувало внатре на Клиниката за Онкологија во 2021 година, а што го утврдиле државните ревизори во своите контроли.

Во настапот пред собраниската Комисија за финасирање и буџет Ацевски рече дека во пописната комисија за 2021 година на Клиниката за онкологија, чија задача била да утврди што има во сметководството, а што реално како лек постои на клиниката и дали тие две евиденции се совпаѓаат – членувале лица кои имаат судир на интереси. Односно, самите биле раководители и ако имало пропусти тие би биле резултат на нивното пропуштање да постапат.

– Оние кои што располагале со лековите, биле истите луѓе од Клиниката за онкологија кои го вршеле пописот. Задолжениот со магацинот бил во пописна комисија, тој што го водел сметководството исто така. За сето ова ревизорите имаат писмени докази прибрани од страна на софистицирани програмери и ИТ ревизори кои ја презеле базата од апликацијата за водење деловни книги и софтверот и ја споредиле со материјалната евиденција и податоците не биле идентични. Има неправилности во извршениот попис, односно отсуство на процедури за прием, издавање, потрошок и евидентирање на залихи на лекови, потенцира директорот на ДЗР.

Тој додаде дека освен тоа што пациентите немале еднаков пристап до биолошката терапија оти наместо стручен колегиум, со потпис на медицинкиот директор се одобрувале скапите посовремени лекови. Главниот ревизор забележа и дека воспоставените пракси на набавки и функцирање на Клиниката датираат повеќе од десет години на назад, па затоа им порача на пратениците добро да размислат дали треба да се менуваат закони.

Ревизорот појаснуваше и како парите за акцелератори што околу седум години фаќаат прашина во неколку болници државата како да ги дала во ветер, а се добива впечаток дека или не сакаме или не знаеме да ги ставиме во употреба.

-Дадени се пари од државниот буџет за медицинска опрема, но некој или не сака или не знае да ја стави во употреба. Во 2016 година е набавен акцелератор вреден 1,7 милиони евра, но за жал до денеска не е во употреба. Потрагично е што овој акцелератор веќе не може да се стави во функција па добавувачот нудел нови алтернативи. Или да се набави дополнителна опрема од 2,5 милиони евра, или да се купат два нови акцелератори за 5.2 милиони евра. Тоа значи дека досега дадените пари за оваа намена, отишле во ветер, констатираше ревизорот Ацевски.

Ацевски истакна дека Клиниката за онкологија излегла над одобрениот буџет за неверојатни 5 милиони евра.

-Тоа што немало протоколи создало можност доктор да одлучува кој ќе биде ставен на биолошка терапија, а одобрение давал медицинскиот директор. Наместо да се прави тоа на стручен колегиум, се дошло во ситуација да се преземат обврски над одобрениот условен буџет и не се овозможило подеднакво право сите пациенти што имале потреба од биолошка терапија – да ја добијат. Таа пракса еден да одлучува, создава сомнеж за субјективно постапување за тоа кој пациент ќе биде приклучен на биолошка терапија а кој не, потенцира Ацевски.

Претходна вестХорор во Демир Капија, четири малолетници силувале врсничка
Следна вестНајава: Со новиот закон прво ќе се регулираат 26 нефер трговски практики, а потоа ќе се  намалат цените на храната