Можностите и буџетот не дозволуваат ново покачување на платите на здравствените работници, одоговори Министерството за здравство на вчерашните барања на Независниот синдикат на здравствените работници. Овој синдикат најави дека в четврток, 19 октомври, ќе организира предупредувачки протест на вработените во сите здравствени институции во државава за време на паузата, од 10.30 до 11 часот. Се бара зголемување на платата за 30 проценти на сите здравствени работници и на административно-техничкиот персонал, ревидирање на Колективниот договор, зголемување на додатокот за инфекција од 1 на 4 проценти, трансформација на работниот однос од определено на неопределено на тие што се со договор на дело и бенефициран работен стаж.
Но, Министерството укажува дека оваа година два пати веќе се покачуваат платите на здравствените работници. Министерството веќе одржа повеќе состаноци со синдикатите каде беше разговарано на оваа тема при што детално им беше образложен пристапот на Владата и Министерството на здравство…
-Оваа година два пати веќе се покачуваат платите на здравствените работници. Еднаш во првата половина на годината се покачија за 2.000, 2.500 и 3.000 за три различни групи здравствени работници. Сега на 9-ти октомври имаше ново покачување од 10 проценти, плус договорена е исплата на регрес на крајот на годината. Апсолутно сметаме дека покачувањето е значајно и министерството за здравство и министерот д-р Меџити од преземањето на функцијата силно се залага за подостоинствен приход, а двете покачувања се резултат меѓу другото и на оваа заложба. Сепак, можностите и буџетот не дозволуваат повеќе, се наведува во одговорот на МЗ.