Давањето, контролата на лекови на Клиниката за Онкологија е работа на менаџментот. Министерот не знае како се даваат терапиите. Тоа е работа на главната сестра, така било секогаш, изјави денеска поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Тој сведочеше пред собраниската Анкетна комисија за скандалот на Онкологија во кој лековите за пациенти заболени од карцинови завршувале на црниот пазар. Филипче ј аобјавуваше функцијата министер од декември 2017 па до јануари 2022 година.
Филипче денеска изјави дека пред да стане министер, имало систем со кој не се знаело какви лекови се даваат, особено за пациентите со малигни болести и за дијабетичарите, но дека законот е променет и оттогаш лековите се увезуваат по европски критериуми. Паралелниот увоз на лекови кој постоел до 2018 година, како што посочи, овозможувал лековите што влегуваат во државата да бидат без сертификат за квалитет. За тоа што биле набавувани лекови на реверс, Филипче рече дека тоа било направено за пациентите да не останат без лек.
-Реверсот е за пациентите да не останат без лек. Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени, рече Филипче.
Пред пратениците кажа дека не бил запознаен со КАТО-системот кој со години е неупотребуван на Онкологија. За време на неговиот мандат, како што рече, немало пропусти во работата на Клиниката.
Екс-министерот за здравство кажа оти во неговото министерување се донеле лекови за сите пациенти кои дотогаш ги немало во државата.
-Политичката одговорност треба да се бара претходно, зошто немало лекови, односно имало, ама само за мал број пациенти. Не сум дал иницијатива да се воведе КАТО систем. Ако сум дал предлог, ќе сум го имплементирал. До моментот на моето доаѓање на функција, не сум знаел ништо за Клиниката за онкологија. Најважната промена беше што кога станав министер, воведовме биолошка терапија и таргет терапија и значително се зголеми квалитетот на третманот. Тоа беше револуционерна промена бидејќи значеше нов квалитет на животот на луѓето кои се борат со канцерот како болест. Овие лекови го преживеаа преживувањето и квалитетот на животот и тоа моите колеги од Онкологија го презентираат на симпозиуми низ светот, истакна Филипче.