Македонски свештеници со крст и со пушки пред 80 години почнаа обнова на Охридската архиепископија и пишуваа историја на МПЦ

Неканонското укинување на Охридската Архиепископија во 1767 година значеше и почеток на туѓи јурисикции, на туѓа духовна власт во Македонија и врз македонските христијански верници. Но, стремежот дека еден ден таа ќе се обнови, дека Македонците повторно ќе имаат своја Црква, никогаш не запрел. Таа идеја, тој стремеж бил силен, него го јакнеле и ширеле многу наши значајни историски личности спротивставувајки им се на на туѓите духовници кои, заедно со тогашните световни власти, го негирале и самото постоење на македонскиот народ и правото да има своја православна црква.

Историските случувања и околности сакаа тој македонски стремеж да почне да се оставрува 176 години подоцна, во условите на Втората светска војна, во условите на Народноослободителната војна која против фашистичките окупатори ја водеше македонскиот народ за своја национална, социјална, но и духовна слобода.

Во 1941 година, со почетокот на војната и окупацијата на Македонија од германските, бугарските и италијанските окупаторски сили, на подрачјето на Македонија се распаднала и црковната власта на Српската православна црква која дотогаш ја имаше како главна православна црква во тогашното Кралството на СХС. Црковната власт во источна Македонија ја презеле бугарските фашистички окупатори, формирајќи своја егзархиска организација. На сите функции и во сите поважни места на Македонија, Егзархијата обезбедила дури 280 одбрани мисионери од „старите предели“, а на кои им било кажано дека „со крст можат да го разрешат националното прашање во Македонија во полза на Бугарија“… Во запданиот дел од Македонија, пак, власта ја презела Албанската црква со иста цел – да се зацврсти италијанско-албанската власт.

Но, сето тоа наоѓало на отпор од македонското население, од партизанското движење. На тоа движење за ослободување на Македонија му се приклучиле и бројни македонски свештеници, коишто го сакале својот народ, својата вера и желба да проповедаат самостојно и на свој мајчин јазик. Црквите, особено манастирите, како во минатото, така и во НОБ, станаа сигурни засолништа и бази на НОД и на народните борци.

Во 1943 година со создавањето на првата слободна партизанска територија во Дебарца , Охридско, меѓу другите мерки за организирање на општествениот живот биле превземени и такви што значеле средување и на црковните состојби и на верскиот живот. Тогаш, Главниот штаб на НОВ и ПОМ донело одлука за формирање на Верското поверенство, набрзо потоа командантот на Главниот штаб за прв верски референт го назначил свештеникот Вељо Т. Манчевски од Дебар. Со истата наредба, сите негови одлуки и решенија биле прогласени за задолжителни за целото свештенство и за црковните општини на ослободената територија. Со тоа, практично, за македонското православно свештенство престанала секаква туѓа црковна јурисдикција.

 

-Со спомнатите одлуки на револуционерните органи почнува почетокот на решавањето на македонското црковно прашање на македонска основа и почеток на крајот од вековната борба на македонскиот православен народ  да си ја врати својата слободна православна црква. Уште еднаш народот и црквата ја споделуваат заедничката судбина, пишуваше во своите сеќавања прота Нестор Поповски, сведок и учесник во тие настани и подоцнежен претседател на Сојузот на здруженија на македонските православни свештеници.

Но, најважниот настан се случил на денешен ден пред 80 години, на 21 октомври 1943 година кога во Издеглавје – Дебарца се одржал и Првиот свештенички собор на ослободената партизанска територија. Тогаш во куќата на Јонче Николовски се собраа триесетина претставници меѓу кои и десетина народни свештеници: Вељо Манчевски, Кирил Стојановски, Антим Поповски, Матеја Поповски, Томе Поповски, Зафир Јовановски, Ристо Ристовски, Ристо Тасевски, Ламбе Поповски и Смиљан Ристовски, а кои потоа ќе донесат историски одлуки за обновувањето на Охридската Архиепископија и новата Македонска православна црква. Тогаш беа донесени одлуките што се однесуваат на организацијата на црковната управа и на вршењето на службата на свештениците, за учеството на свештенството и на верниците во НОБ, за обнова на Охридската архиепископија и за создавање на Македонска православна црква.

Како што забележал црковниот историчар Доне Илиевски, според составот, карактерот и според донесените акти, Свештеничкото собрание од 1943 година во новата историја на Македонската православна црква со право се зема како основа врз која единствено може да се решава македонското црковно прашање. Неговите акти се и првите документи на патот кон конечното осамостојување на Македонската православна црква којашто минатата година стана и признаено од другите православни цркви по долготрајна борба за признавањето на постоењето и на самостојноста на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Обвинителството потврди дека е лажна вест на власта монтираниот случај „Делчевски ниви“, со кој ДУИ и СДС се обиде да ја оцрни ВМРО-ДПМНЕ
Следна вестСДСМ: Мерките на Владата доведоа до едноцифрена инфлација, потврдено и од Светска банка