Политичката коалиција која владее во Словенија денеска го осуди повикот на поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша луѓето да се вооружат, по пропалестинскиот митинг што се одржа во четвртокот во Љубљана. Лидерите на партиите од владејачката коалиција го нарекоа неговиот повик „целосно неодговорен“, пренесе агенцијата СТА.
Во заедничкото соопштение владеачките партии велат дека повикот на поранешниот премиер, лидер на опозициската Словенечка демократска партија е во спротивност со напорите на меѓународната заедница.
Инаку, Јанша претходно на платформата Х (Твитер), по пропалестинскиот митинг напиша: „Работите стануваат сериозни. Вооружете се, легално“.
Лидерите на владејачката коалиција порачаа дека Словенија е демократска земја заснована на владеење на правото со силни институции во служба на редот и безбедноста.
-Безбедноста на луѓето е на прво место, затоа Владата е активна во следење на состојбите и преземање на сите неопходни мерки. Го осудуваме ширењето на паника, омраза и популизам и го отфрламе повикот на вооружување. Ваквите повици се спротивни на модерната и демократска Словенија и не се во духот на Европа заснована на солидарност, наведуваат од коалицијата.
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар исто така го осуди повикот на Јанша за оружје, велејќи дека таквите изјави треба да се третираат многу сериозно.