Донесувањето на новиот собрансики Деловник денеска не тргна во македонскиот парламент откако беа поднесени околу 2.000 амандмани, од кои 1.860 се на опозициската партија Левица. Верзијата на Деловникот чиешто носење вчера го најави собранискиот претседател Талат Џафери откако се постигна согласност меѓу најголемите коалици од власта и од опозицијата, требаше да се разгледа на Комисијата за за мандатно-деловнички прашања. Но, почетокот на седницата четири пати се одложуваше додека претседателот на Собранието се обидуваше да ги разубеди опозициските пратеници да ги повлечат амандманите.
Една од најголемите забелешки на Левица за новите собраниски правила за работа е дека се укинува „филибастерингот“, односно можноста за блокада на законските решенија, бидејќи амандманската расправа за Законите во редовна постапка е ограничена на пет дена. Ова, според Левица, ќе значи дека се одзема единствената можност на опозицијата да блокира законско решение. Филибастерингот е позната практика во повеќе парламенти, не само во европски земји. Засега нема согласност ни за амандманот на Левица против двојазично Собрание.
Доколку опозициската Левица не ги повлече амандманите, тешко дека ќе помине новиот Деловник, чиј предлагач е претседателот на Собранието Џафери.
Планирано е новиот Деловник да почне да се применува од новиот собраниски состав. Актуелниот претседател на Собранието ќе го проба со свикување на конститутивната седница, која не ќе може да трае повеќе од три дена и ќе мора да заврши со избор на претседател на Собранието. Дебатата за новиот деловник почна пред пет години во дијалогот „Жан Моне“, кој е заеднички процес на Европскиот парламент со Собранието.