Во населеното место Туденце во Општина Јегуновце почна да се расчистува коритото на реката Вардар, што е дел од проектот „Подобрување на отпорноста на поплавите во полошкиот регион“, финансиран од Владата на Швајцарија и се спроведува со партнерство со Програма за развој на Обединети Нации (УНДП). Денеска теренска посета направија министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан и градоначалникот на општина Јегуновце, Димитар Костадиноски.
Проектот предвидува повеќе активности долж течението на реката Вардар во Општина Гостивар и Општина Јегуновце. Долж коритото на реката која минува низ повеќе места во Општина Јегуновце ќе се прави чистење на природното корито од градежен шут, комунален и кабаст отпад како и вегетација што го попречува текот на реката. На двете општински подрачја тоа ќе се прави на вкупна должина од 17,2 километри, а ќе се извршат и стаблизирања на 12 најкритични речни делници со вкупна должина од 1,8 километри.
– Ги штитиме пред сè граѓаните на овој регион од поплави. Знаеме дека овој регион е ранлив на временски непогоди и истите се често со катастрофални последици за жителите на подрачјето. Затоа применуваме интегриран пристап на сите вклучени страни како што се донаторите, владата, локалната власт и заедницата за да им помогнеме на локалната заедница од отпорноста од поплави, изјави министерката Каја Шукова.
Претставникот на УНДП потсети дека активностите се преземаат согласно нивното мото дека треба да се управуваат ризиците, а не само последиците од катастрофите.
– Поројните дождови предизвикуваа поплави во домови и земјоделски полиња. Затоа ќе работиме на санација на речното корито на Вардар и стабилизација во должина од 8500 метри во ова подрачје. Од оваа интервенција најголем бенефит ќе имаат три илјади жители од општината Јегуновце, изјави Армен Григорјан.
Градежните работи за регулирање на горен Вардар во Општина Јегуновце чини над 30.907.617 денари,односно, околу 500.000 евра.
Проектот „Подобрување на отпорноста на поплавите во полошкиот регион“, финансиран од Владата на Швајцарија со над 12 милиони долари и предвидува мерки и активности во повеќе населени места во Полошкиот регион.