Агенти на финаниската полиција во рамки на истрага од Државна Лотарија презеле документи за да утврдат дали има неправилности при изнајмување на објекти од страна на државната компанија, објави телевизија Телма.
Според информациите, од Финансиска полиција без многу детали потврдија дека во рамките на нивните активности се преземени определени документи.
Актуелен сопственик на фирмата од која Државна лотарија изнајмила деловни простории во објект во Визбегово за 2,6 милиони евра е Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актулениот пратеник во Собранието од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски. Станува збор за простории во зграда која порано се користела за организирање на свадбени веселби, а кои сега Државна лотарија ги изнајмила од фирмата „Хеј Дооел“ за голема сума на пари.
Инаку, фирмата од која Лотарија го закупила објектот поврзува повеќе функционери и блиски роднини на политичари од владејачката ДУИ. Според истражувачките написи на „Радио Слободна Европа“ и на „Фокус“, фирмата „Хеј Дооел“ го купила земјиштето и објектот, по што со Лотарија склучиле договор за закуп тежок 2,6 милиони евра.
Асмир Јахоски станал сопственик на фирмата на 17 октомври. Ја презел од претходниот сопственик Армин Машовиќ, а зделката, односно промената на сопственоста во Централниот регистер е извршена десетина дена подоцна, поточно на 26 октомври. Мешовиќ, сепак останува управител на фирмата, иако повеќе не е нејзин сопственик. Инаку, милионскиот договор за закуп меѓу Лотарија и „Хеј Дооел“ е склучен додека Машовиќ бил сопственик на фирмата, која ја формирал на 2 февруари оваа година. Машовиќ е поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски во „Пацифик Петролеум“. Сулкоски пак до неодамна (23 август 2023 година) беше и деловно поврзан со Куштрим Смајлај, зетот за ќерка на лидерот на ДУИ Али Ахмети, во фирмата „К.С.А. Интернешнл“.
Старата адреса на „Хеј“, како што објави Телма, до јули оваа година е во зграда во скопски Карпош непосредно до трговскиот центар „Лептокарија“. На адреса на истиот објект изграден од „Пуцко Петрол“ регистрирана е и фирмата на зетот на Али Ахмети. Директор на Државна лотарија, пак е Перпарим Бајрами кој според опозицијата е близок соработник и поранешен шеф на кабинет на првиот вицепремиер Артан Груби. За Груби ваквите наводи се лажна вест. Тој тврди дека Бајрами никогаш не бил вработен во неговиот кабинет, ниту како асистент, а најмалку како шеф.
Државна Лотарија има склучувано повеќе договори за изнајмување на простории, а според истражувањата на „Слободна Европа“ и Фокус, изнајмувачите се поврзани односно имаат релации со претставници на ДУИ.