На Граматиката работев дома, во Прилеп, до крајот на август. Многу време за пишување немав, зашто целта ми беше што побрзо да им се даде „Македонската граматика“ на училиштата. Потоа, на 24 јануари 1946 година се појави првата македонска Граматика. Имаше голем одек како кај нас, така и пошироко. Имаше неколку рецензии кои го означија појавувањето на мојата граматика како историски чин… Вака во своите сеќавања за создавање на ова капитално дело напишал Круме Кепески, македонски педагог, лингвист, преведувач, собирач на македонски народни умотворби, граматичар, автор на голем број на учебници по македонски јазик.
А значењето на „Македонската граматика“ е големо. Тоа е дело кое се случува по долговековна историја на македонското постоење, на развојот на македонскиот јазик, но и борбата за слобода, за признавањето на правото на постоење на македонскиот идентитет, јазик, писмо, а што се случува по победата во Втората светска војна.
Роден во Прилеп во 1909 година тој сето свое подоцнежно образование го врзува за изучувањето на јазиците, а работел и како професор. Учествувал и во Војната во редовите на македонската ослободителна бригада „Гоце Делчев“ за да во 1945 година биде поставен за професор во Прилепската гимназија. Истата година почнал да работи на првата македонска граматика од каков учебник се чувствува голема неопходност во училиштата на ослободена Македонија.
– Замисла да се зафатам со пишување на Граматиката кај мене се појави уште за бивша Југославија, кога бев студент на Филозофскиот факултет во Белград во триесетите години пред Втората светска војна. Тогаш често со другите студенти од Македонија, Крум Тошев, Венјамин Сапунџија и други, дискутиравме, во случај Македонија да биде слободна, како би го создале македонскиот литературен јазик. Зборуваме и за тоа кои наречја би биле главни. Некои од нас предлагаа за основа да биде штипскиот говор, други охридскиот, Крум Тошев и јас бевме на мислење дека најдобро ќе биде, ако се земат за основа централните говори – Прилеп – Велес – Битола, со образложение дека тоа подрачје има најмалку влијание како од бугарскиот така и од српскиот јазик. Подоцна, фактички тоа и се случи. Нашето мислење не се засновуваше врз основа на некое подруго поранешно сознание. Ние воопшто не знаевме дека Крсте Мисирков го ставил на книга далеку порано. Тоа беше јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, јазик што јас го познавав, зборуваше во своите сеќавања Круме Кепески.
По објавувањето на капиталното дело, во 1946 – есента – бил повикан во Скопје, во Поверенството (Министерството) за просвета, каде што работел на општата македонска терминологија и бил назначен за редактор на првото македонско книгоиздателство „Просветно дело“, од кое излегоа првите македонски книги: буквар, граматика, читанки, преводни книги и др. Во зимата на 1947 година бил испратен од Министерството за просвета во Пиринска Македонија, во Горна Џумаја, сега Благоевград, каде што работел како професор во Учителскиот институт – рамен на Виша педагошка школа и се занимава со организирање курсеви по македонски јазик за тамошните учители и професори. Во текот на 1948 година, се вратил во Скопје и бил на работа во учителската школа „Никола Карев“ во Скопје, а во исто време хонорарно предавал и на курсот за наставници во прогимназијата. Во 1949 година, бил назначен за професор на Вишата педагошка школа во Скопје, на која должност со мали прекинувања се наоѓа до крајот на работниот век.
Умира на денешен ден пред 35 години, на 3 номеври 1988 година во Скопје. Но, споменот на негово дело не згаснува…