Историското градење на патот Кичево – Охрид влезе во ново поглавје. Ќе се правело ревизија на договорот за негово градење.
А требаше да биде пуштен во употреба до крајот на годината. Така ветуваше целата владата.
Од денеска, барем како што е најавено треба да стартува ревизијата на договорот за изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Прво ќе се екипирал ревизорскиот тим, а потоа ќе се проверувала фактичката состојба на терен. Колку ли тоа ќе трае?
Потоа, како што стојат работите, ќе се утврди дека договорот не се спроведува како што треба и дека рокот за завршувањето нема да биде испочитуван. А, токму премиерот Димитар Ковачевски уште пред две години најавуваше дека во јануари 2024 година автопатската делница ќе биде завршена, за што бил одговорен министерот за транспорт Благој Бочварски..
– Одговорен за патот да биде готов во јануари 2024 си ти како министер за транспорт и врски. И затоа, Благоја еве го тука, стани Благоја да те видат сите! Дајте му поддршка затоа што јануари 2024 година по тој пат мора да се вози со автомобили од Кичево до Охрид. Нема изговори и нема предавање, затоа што секоја цел, Благоја, е достижна, ако седнеш со твоите колеги, ако секои две недели гледате и работите со надзорот, со изведувачите, верувај ми дека таа цел е достижна и во јануари ќе можеш сите да не повикаш во 2024 година да се возиме по тој автопат, изјавуваше пред две години премиерот Ковачевски.
Сега излезе дека завршувањето не е ни од далеку блиску, дека се потребни нови одлагања и нови ветувања дека некоја друга година патот ќе биде пуштен во употреба.
Зошто толку долго се чекаше за да се констатира дека изградбата и завршувањето на делницата од 40-тина километри уште доцни иако поминаа скоро 10 години? Односно, мораше ли да се дојде во ситуација на два-три месеци пред истекот на предвидениот рок, да се види дека доцнењето е преголемо. Токму министерот Бочварски на почетокот на октомври изјавуваше дека „се прави се“.
-Ние ќе направиме сè, ги правиме сите координации и притисоци за изведувачите на терен да ја завршат својата задача бидејќи институциите својата задача си ја завршија, изјави тогаш Бочварски.
Очигледно, доцнењата во фазите на проектот во текот на изминативе месеци како да не биле забележувани и на нив не се реагирало иако токму премиерот Ковачевски најавуваше дека „треба да се гледа на секои две недели со надзорот“…
Ваквото искуство, коешто сега може да чини милиони евра, сега води и кон дилемата дали уште сега треба да се види како оди реализацијата на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатските коридори. Проектот е капитален, државата за него ќа плати околу 1,3 милијарди евра, а четирите делници со вкупна должина од 110 километри треба да се завршат до 2027 година. Дали овде некои работи веќе доцнат?
Не ли е поарно понавреме да се изврши ревизија и на договорот со „Бехтел и Енка“ за да се види дали се почитуваат роковите? Ако се дозволи да помине многу време тогаш може пак да се дојде во иста ситуација како со кинескиот изведувач на автопатот од Кичево до Охрид. Функцијата на надзорот е токму во тоа: да се види дали се изведуваат сите предвидени фази и дали има доцнење во нив.
Македонските граѓани многу пари даваат, време е и патишта да добијат, а не само ветувања и одложувања да гледаат.