Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, нема да се појави на „испрашување“ во Судскиот совет, каде е повикана поради пишувањата во јавноста дека се вршат политички притисоци врз судиите. Причината што Адеми нема да биде присутна на денешната закажана работна средба во највисокото судско тело, ќе се образложи преку соопштение.
Претходно, Судски совет кажа дека се загрижени поради обвинувањата за притисоци на највисоките судии во државата.
-Во последните неколку дена во медиумите се објавени повеќе написи за политички притисоци врз судиите на Врховниот суд, реакции на политички партии, како и интервјуто на претседателката на овој суд, Беса Адеми, сметаме дека е неопходно да ја информираме јавноста дека евентуалното вршење на притисоци од каков било вид судиите, е недозволиво и крајно загрижувачко, истакнаа од Судскиот совет.
Адеми во интервју за СДК тврдеше дека постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт. Таа рече дека највисокиот суд во државава се соочува со политички притисоци кои имаат за цел оживување на амнестијата за поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, со која експремиерот Никола Груевски би се ослободил од кривична одговорнос
– Политичкиот и правниот контекст на прашањето за аболициите во минатото добро ѝ е познат на јавноста. Но исто така, познато е и дека вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност. Факт е дека не се почитува уставното начело на поделба на власта. Постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт, рече Адеми.
По ова интервју на Адеми, Судскиот совет информираше дека ја повикуваат претседателката на Врхониот суд на состанок во понеделник да разговараат за како што наведуват ова важно и сензитивно прашање
Работна средба беше закажана денеска во 11 часот во просториите на Судскиот совет.